Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ и Skopje Design Week денеска ќе го претстават победничкото креативно решение за дизајн на седум видови слатко во рамки на првиот проект за брендирање автентични национални производи.
Решението ќе биде наградено со 200.000 денари од Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“, пари кои авторот ќе може да ги вложи во нова опрема, образование или бизнис.
Проектот за брендирање автентични национални производи официјално почна во јуни годинава кога беше распишан конкурс за компаниите преработувачи на овошје. Откако беа разгледани пристигнатите апликации, стручното жири одлучи седумте видови слатко на „Јоми Фуд“ од Велес да добијат нов, уникатен дизајн. Условите за избор беа компанијата да има доминантно домашен капитал, широко портфолио за производство на македонско слатко без додатоци по традиционален рецепт кое се вбројува во групата здрава хрна и се продава во македонската малопродажна мрежа под своја етикета.
Еден месец по конкурсот за компаниите, беше распишан и конкурс за млади дизјанери, до 28 години.
Според проектот, „Јоми Фуд“ е обврзана слатката да ги пласира во новиот, награден дизјан. Првите количини треба да се најдат на пазарот околу Нова Година.