Благодарение на иновативниот систем LUMIS, ѕидовите станаа со динамични и интерактивни површини кои емитуваат најразлични светлечки форми како предели и животни, кои реагираат на присуство на луѓе и допир.
Единствените дрвени ѕидови кои го обединуваат светот на технологијата и уметноста, се дело на мултимедијалното студио „ENESS”. Динамичниот ѕид има можност да прикаже 15 теми кои се поделени на дневни и ноќни.
Така на пример, на ѕидот може да се појави трева која лесно расте додека посетителите поминуваат покрај него, или Месечина со був. Цел ѕид може да биде исполнет со разни форми и бои, а кога не е во употреба, ѕидот изгледа како било кој друг ѕид.
Во соработка со австралиската архитектонска компанија „Designinc”, студиото своите први дрвени ѕидови кои емитуваат светлина ги поставило на новото детстко одделение во болницата Кабрини во Австралија. Престојот во болницата може да биде трауматичен, посебно за децата, па желбата на студиото била со својата инсталација да направат тоа искуство да биде попријатно за најмалите пациенти.
Благодарение на широкото знаење на полето на осветлувањето, интерактивните медиуми, производите на дизајнот и архитектурата, мултимедијалното студио „ENESS” има намера и понатаму да го развива својот интерактивен систем и да го прилагоди на различни простории како продажни или угостителски.
Студиото планира да ја прошири палетата на материјали во соработка со дизајнери на ентериери и да ја искористи во нови архитектонски концепти.