Според одлуката на директорот на парк шумата „Марјан“, Марко Пејновиќ, пејачот Жељко Самарџиќ нема да пее пред сплитската публика во Суштипан на 19 август, пишува Слободна Далмација.
„Почитуван господине, вашето барање е одбиено“, стигна до организаторите на концертот од компанијата „Она моја“ д.о.о. краток одговор од Јавната установа за стопанисување со парк-шумата Марјан и други заштитени природни вредности на подрачјето на градот Сплит, вклучително и Суштипан, по нивното барање за издавање на еднократна дозвола за концесија на 19 август заради одржување на концертот на Самарџиќ на споменатата локација.
„Одлуката е моја, јас ја донесов и го имам тоа право. Музиката на Жељко Самарџиќ не е примерна и не одговара за Суштипан“, изјави во кус телефонски разговор Марко Пејновиќ, директор на Парк-шумата Марјан, објаснувајќи ја причината зошто пејачот нема да може да се придружи на плејадата познати музички имиња кои веќе настапија на атрактивна летна концертна адреса во Сплит.
На оваа сцена свои концерти одржаа Јосипа Лисац, Урбан, Божо Вречо, Фрајле, Џибони, Горан Бреговиќ, Масимо Савиќ, Дарко Рундек, Сергеј Четковиќ, Влатко Стефановски, „Ришпет“, „Црвена Јабука“… Сепак, Самаржиќ.., за едни е поп-фолк пејач, за други изведувач на забавна музика, не може да ја добие својата шанса.
Организатор од компанијата „Она моја“ д.о.о. потсетува дека се работи за музичар, кој полни големи сали на целата екс Ју територија, па затоа одбивањето уште повеќе го затекна. Објаснува како, откако го резервирал терминот, ја испратил потребната документација за спорниот настан пред две недели на адреса на јавната установа во чија надлежност е и Суштипан (еднодневен наем чини 2.700 евра). А кога добил негативен одговор побарал образложение за ваквата одлука, кое не го добил ниту по четири дена чекање.
„Нè интересира кој е тој што оценува што е соодветно, а што не. Директорот на Парк-шума! Жељко Самарџиќ има настапувано во арените во сите градови во Хрватска. Ги пополнува без проблем. Со оглед на тоа дека баладите се 90 проценти од сите негови песни и дека е многу популарен меѓу женскиот дел од публиката, дека мајка му е Хрватка.., не гледаме причина за таква одлука.Тоа е вовед во цензура со која некој ќе определи што може и не може да се слуша“, луто вели Домагој Петричевиќ, директор на компанијата, кој воедно се чуди на начинот на кој функционира Сустипан, на пример, Божо Вреќо може да пее, но Жељко Самарџиќ не.
„Најдобар начин да се забрани истиот настан би бил да се одржи без некој да дојде, што би значело дека никој не ја поддржува таа музика. А не да ја браниме на овој начин“, додава Петричевиќ, истакнувајќи дека Самарџиќ наскоро ќе одржи концерт во еден сплитски клуб.
Веруваме дека ќе биде распродаден за рекордно време и дека ќе покаже што мислат жителите на Сплит за неговата музика“, убеден е Петричевиќ.
Организаторот, кој имаше намера да го реализира одбиениот концерт во Суштипан, нема намера да почне да бара нова летна локација за концертот на Самарџиќ во Сплит. Причината, објаснува тој, е немањето соодветен простор.
„Спаладиум арената е затворена, во Грипе има спортски објекти и приоритет е спортот, но и саемите кои таму се префрлени од Спаладиум. Нема слободни термини.. Едноставно, нема соодветна адреса во Сплит за настан од ваков тип нема алтернативна локација за концерт од две до три илјади луѓе“, објаснува Петричевиќ.
Одбивањето да се отстапи популарното сплитско концертно место на Жељко Самарџиќ уследи по неодамнешниот метеж во Пула, каде градоначалникот на Пула, Филип Зоричиќ, забрани одржување на концерти на Душко Кулиш, Драган Којиќ Кеба, Ана Бекута и Зорана Миќановиќ.