Хорор филмот „Манијак“ е забранет за јавно прикажување во Нов Зеланд, што е прв ваков случај по подолго време во оваа земја. Комисијата за преглед на филмовите во образложението за забраната вели дека филмот е препол со „исклучително насилна содржина“ и со „содржина која длабоко вознемирува“.
Филмот кој е римејк на филмско остварување од 1980 година, ќе може да се прикажува само по еднаш на фестивалите во Окланд и во Велингтон, кои се одржуваат на крајот од овој месец. Забранета е јавната дистрибуција и продажбата на ДВД со овој филм.
Главната улога во „Манијак“ ја игра младиот Илаја Вуд, познат по својата улога во филмот „Хобит“ како и во филмовите „Господарот на прстените“.
Претставник на дистрибутерската компанија изјави за локалните медиуми дека забраната на филм, во денешно време, претставува „навреда на интелигенцијата на возрасните гледачи“.
Филмските критичари немаат високо мислење за „Манијак“, додека еден американски рецензент има напишано оти станува збор за „садистички филм“, во кој најмногу од се има крв.