Годишно по 500 заболени од рак на дебелото црево

Од:

Околу 500 луѓе во Македонија годишно заболуваат од рак на дебелото црево, а околу 380 умираат.

Годишно има 28 новозаболени мажи на 100.000 мажи и 20,1 жени на 100.000 жени. Во последните 10 години има тренд на пораст на смртноста од ова заболување и стапката на морталитет е двојно зголемена (2001 година-9,8 умрени на 100.000 жители, 2011 година-18,7 умрени на 100.000 жители).

Ова беше истакнато на денешната прес-конференција по повод Светскиот месец за превенција од рак на дебело црево, што ја организираше Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на Македонија.

Најавувајќи го почетокот на кампањата за превенција од рак на дебелото црево, директорот на ИЈЗ, Шабан Мемети истакна дека сите случаи на рак на дебелото црево кои ќе бидат откриени, ќе се евидентираат во Регистар, со што ќе се овозможат услови за проценка на стапката на инциденца.

– Со Програмата за скрининг за колоректален карцином е предвидено Комисија при Министерството за здравство да изготви Акциски план за превенција на болеста. Центрите за јавно здравје се задолжени за координација на активностите на своето подрачје, соработка и едукација на матичните лекари, анализа на доставениот материјал со примена на ФОБ тест, консултација со матичниот лекар за натамошни дијагностички и терапевтски процедури. Центрите ќе ги доставуваат податоците до Институтот за јавно здравје, рече Мемети.

Претседателот на Здружението за борба против рак Борка-За секој нов ден, Биба Додева рече дека највисок процент од заболените (28 отсто) се на возраст од 61 до 70 години, а заболуваат и лица на возраст од 41 до 55 години. Таа нагласи дека само половина од дијагностицираните се јавиле на Институтот за онкологија, што укажува за ниското ниво на свесност за последиците од болеста и дека таа не се открива навреме.

– Целта на кампањата е подигнување на свеста кај населението за потребата од навремени прегледи и рана дијагноза бидејќи истражувањата покажуваат дека за развивање на ракот на дебелото црево се потребни повеќе години и според најновите светски статистики, болеста може да се излечи во 90 отсто од случаите, доколку се открие навреме, посочи Додева.

Таа додаде дека нивните активности овој месец ќе бидат насочени кон информирање и едукација на населението преку информативни брошури кои ќе содржат информации за ризик фактори, скриниг прегледи, употреба на ФОБ тестови итн.

Раководителот на Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството, Јованка Костовска рече дека во Програмата за рано откривање на малигните заболувања е планирано сите лица на возраст од 50 до 74 години кои имале заболен во семејството и се во ризична група или имаат симптоми кои наведуваат дека може да имаат проблем во дебелото црево, да може бесплатно да добијат ФОБ тест кај матичниот лекар.

– Матичниот лекар на тие пациенти треба да им даде ФОБ тест и да пополнат прашалник според кој, се утврдува дали се во ризична група. Пациентот сам дома го прави тестот три пати во една недела, а материјалите ги носи во Центарот за јавно здравје каде се прави анализа, и од каде го известуваат за резултатот. Ако е позитивен резултатот пациентот се јавува кај матичниот лекар за дополнителни испитувања со цел рано откривање на проблемот со дебелото црево, истакна Костовска.

Таа додаде дека со активности почнале минатата година и од лицата кои се јавиле во центрите за јавно здравје со материјали од ФОБ тестови, кај 1.652 се најдени позитивни резултати и се упатени на дополнителни испитувања, кај 29 е откриен карцином на дебелото црево, а кај седум полипи на дебелото црево.

Би можело да ве интересира

Исхрана и плодни денови – како одредена храна може да ги зголеми или намали шансите за зачнување

Катерина Ѓуровски

Во ЕУ годишно умираат 10.000 луѓе бидејќи не вежбаат доволно

Ана Ололовска

М-р по фармација Славица Тодоровска од „Хемофарм“ советува: Запекот мора да се лекува

Ана Ололовска

Природата во градот ја намалува осаменоста

Ана Ололовска

Кафето, алкохолот и месото се штетни за бубрезите

Ана Ололовска

Откриен досега непознат дел од човековата вилица

Ана Ололовска