Американското архитектонско студио „Трнбал Грифин Хеслуп“ редизајнираше напуштена стара куќа, претворајќи ја во модерен дом со традиционален рурален стил.
Куќата „Лид Платинум“ се наоѓа на имотот од 160 хектари „Хапомон Ранч“, во близина на калифорнискиот град Петалум и е адаптирана за потребите на млада брачна двојка со три деца.
Клиентите барале куќата да наликува на амбар, со што би се одразила нивната посветеност на одржливото земјоделство, како и да биде еколошки самоодржлива, што е обезбедено со вградување на систем за геотермално затоплување и ладење и со поставување на соларни панели.
Дневниот престој, трпезаријата и кујната се сместени во единствен отворен простор во средината на куќата, кој кон надворешноста има стаклени ѕидови и лизгачки врати, со што се обезбедува „спојување“ на внатрешноста со опкружувањето.
Од двете страни на централниот дневен простор се сместени спалните соби, бањите, просторија за перење и бар, кој „се отвора“ кон голема бетонска тераса, преку која се пристапува кон делот во дворот каде се наоѓа базенот.