Сите оние кои живеат или живеле во гарсоњера, размислувале како да најдат начин да го „сокријат“ креветот и останатите приватни работи од погледите на гостите и посетителите.
Ваквата идеја им појде од рака на дизајнерите од архитектонското студио МКЦА, кои успеаја во тоа при уредување на една гарсоњера во Њујорк, со примена на флексибилен мебел, кој може да се адаптира за повеќе намени.
Прилагодливоста е постигната со подвижен ѕид, кревет кој е дел од ормарот и со серија лизгачки панели со кои се трансфомира малиот простор.
Кога ќе се помести дел од ѕидот се открива простор за пресоблекување со гардеробер, огледало и вградени фиоки. Но, кога овој простор целосно ќе се отвори, гардероберот може да се спушти и да се трансформира во кревет, со што тој дел од гарсоњерата се претвора во мала соба за спиење и одмор.
Кога пак, подвижниот ѕид целосно ќе го затвори тој простор, остатокот од гарсоњерата добива функција на соба за дневен престој или канцеларија, со работна маса и места за складирање.
Лизгачките компоненти содржат и аудио-визуелни уреди, што овозможува гледање на телевизија или уживање во музика, независно од која страна на ѕидот се наоѓате.
На другиот крај на гарсоњерата се наоѓаат бањата и кујната, како и простор за јадење и други активности.
Ваквата комбинација на економична „поделба“ е соврешена за урбаните средини, за деловните луѓе, самците, но и за сите оние кои сакаат да жиеват во мал простор, кој е лесен за одржување и каде се им е на дофат на раката.