Извршниот директор на „Епл“ Тим Кук, се извини на кинеските корисници откако американската компанија во кинеските медиуми беше критикувана како „нечувствителна“ на нивните проблеми.
Во своето второ јавно извинување откако е извршен директор на „Епл“, Кук објави писмо на Интернет страницата на компанијата во кое се извинува за сите „недоразбирања“ кои во јавноста создадоа впечаток дека компанијата се однесува арогантно кон потрошувачите во Кина. Тој, исто така, нагласи дека компанијата ќе ја подобро сервисната политика за АјФон 4 и АјФон 4С, како и гарантните услови и сервисот за корисници.
Кинеските медиуми минатиот месец остро го критикуваа однесувањето на „Епл“ во земјата, обвинувајќи ја дека кон потрошувачите во Кина се однесува како „незначителни“ нудејќи пократки гарантни рокови за своите производи во однос на другите земји.
Овој проблем „Епл“ сериозно го сфати бидејќи Кина по Америка е втор по големина пазар за нивните производи, а Тим Кук неодамна изрази надеж дека во блиска иднина Кина ќе стана најголемиот пазар на „Епл“.
Во првото тримесечје од годината „Епл“ на пазарот што ги опфаќа Кина, Хонг Конг и Тајван оствари приход од 6,8 милијарди долари.
Првото јавно извинување Кук беше принуден да го направи по катастрофалниот старт на Епл Мапс минатиот септември и пропустите кои овој сервис го направија речиси целосно неупотерблив.