Над 1.400 музичари од Финска потпишаа петиција за забрана на учеството на Израел на овогодинешната Евровизија. Сепак, тоа не ја спречи оваа земја да го избере својот претставник за претстојниот Избор за песна на Евровизија.
Пејачката Еден Голан беше прогласена за 46. претставник на Израел на Евровизија. Таа освои 220 поени за да победи на музичкото шоу HaKokhav HaBa (Следна ѕвезда).
Оваа пејачка ја однесе апсолутната победа и ќе го вее знамето на Израел на 46-то учество на Изборот за песна на Евровизија во втората половина од натпреварувачкиот дел од програмата на втората полуфинална вечер на 9 мај во Малме. Песната се уште не е избрана, а конкурсот е објавен и ќе трае до 11 февруари.
Да потсетиме, како што претходно објави Би-Би-Си, поради воените злосторства во Газа, Финците побараа Израел да биде исфрлен од натпреварот што ќе се одржи во мај во Шведска.
Доколку тоа не се случи, Финците бараат од нивната национална телевизија да ја повлече песната што ќе ја претставува Финска на Евровизија.
Пред Финците слично барање имаа и исландските музичари, а потоа и норвешките музичари.
Европската радиодифузна унија (ЕБУ), која ја надгледува организацијата на натпреварот, исто така објави дека Евровизија нема никаква врска со политика, бидејќи не е натпревар за владите на земјите и дека Израел ги исполнува сите услови за учество на конкуренција.
„Песна на Евровизија е натпревар за уметници од цела Европа и Блискиот Исток, а Израел учествува на натпреварот веќе 50 години“, соопшти ЕБУ, објави шведскиот портал Афтонбладет.