Борис Ѓорѓиоски, пензиониран новинар од МИА, е еден од ретките кој на природен начин ја одгледува познатата и највкусна сорта домат – охридски јабучар.
Без користење пестициди и вештачки ѓубрива, тој во својата бавча во дворот на семејната куќа во близина на централното градско подрачје успеа да одгледа домат тежок еден килограм.
Ѓорѓиоски вели дека доматот го одгледува чисто еколошки со природно ѓубриво, а го штити од штетници прскајќи го со чај од варени коприви.
– Автохтоните видови зеленчук и овошје, по кои Македонија некогаш беше позната полека исчезнуваат, а нивното место на трпезите се повеќе го заземаат индустриски произведените земјоделски производи, вели Ѓорѓиоски.
Најбитно е, додава, да се заживее оваа локална сорта јабучар, која е чиста и еколоши здрава, мириса на вистински домат, а исчезнува во последните години. – Јабучарот успева да опстои и во густо населени подрачја, но и во градски средини. Овој израсна во близина на централното градско подрачје, појаснува Ѓорѓиоски.