Роботското возило “Кјуриосити” на Американската агенција НАСА, кое се наоѓа на површината на Марс веќе неколку недели, откри корито на река со што се докажува дека на тоа место некогаш течела вода.
Сликите испратени од “Кјуриосити” ги покажуваат композициите на карпите составени од чакал и песок, а научниците веруваат дека камењата некогаш еродирале во вода.
Големината и обликот на камењата укажува на брзината и должината на речниот тек, наведоа научниците на прес-конференција во лабораторијата на НАСА во Пасадена.
– Различни облици зборуваат за тоа како тие се пренесени, а големината дека не се носени од ветар. Пренесени се со воден тек – изјави научникот Ребека Вилијамс.
Истражувачите претходно најдоа други докази за некогашното постоење на вода на црвената планета, но ова е прв пат да откријат некогашно речно корито, пренесува АФП.
Ова претставува преод од шпекулации за големината на речното корито на директно набљудување на истото, сметаат научниците.
Цел на двегодишната мисија, вредна околу 2,5 милијарди долари, е да се открие место на кое некогаш би можеле да се развијат микроорганизми.
Покрај тоа, “Кјуриосити” ќе истражува за траги од вода и органски соединенија, како уште еден доказ за постоење на живот во минатото.