Десет личности од јавниот и општествениот живот денеска добија признанија и статуетки од весникот Нова Македонија во рамки на манифестацијата „Личност на годината“ за 2014 година.
Годинашни лауреати се Летка Димовска, диригент на хорот Света Злата Мегленска, професор др. Гигор Димитров гинеколог во Ремедика, Здравко Дејановиќ – алпинист, Весела Богдановиќ – наставничка, Мартина Димовска – студентка на Технолошко металуршкиот факултет, Глигор Чемерски – сликар, Тања Царовска – музичар, Ѓорѓи Личоски – фоторепортер, Игор Стефановски Иџе – автомобилист и Халим Бабушку претприемач.
Манифестацијата се одржува трета година по ред, а целта, според главниот и одговорен уредник на Нова Македонија Александар Димковски е најстариот дневен весник да ја негува традицијата и да ги одбележува сите достигнувања од изминатата година.
Изборот, појасни тој, го прават во редакцијата по неколкунеделна дебата, каде ги изнесуваат ставовите и на крај донесуваат заедничка и едногласна одлука дека одредени лица го поминуваат филтерот.
– Сметаме дека добитниците се разликуваат од другите по енергијата што ја вложуваат и по сите достигнувања што ги имаат. Тоа се личности кои отскокнале, надминале широк позитивен приод кон работите и се заслужни за тоа. Од минатите избори, тоа го верификува и државата. Личности што сме ги избрале ние добивале и државни признанија во текот на годината, изјави Димковски.