„Златна ѕвезда“ за најдобар филм во официјална конкуренција на 11. фестивал на европски филм „Синедејс“ доби шпанскиот „Брчки“ (Arrugas) на режисерот Игнацио Ферерас. Филмот е адаптација на истоимениот стрип на познатиот шпански цртач Пако Рока.
– Ова е филм за староста, за конфузијата, илузијата и неспособноста. Употребена е анимација за да се добие посилен впечаток, потенцирајќи го само она што е од суштинско значење, избегнувајќи клишеа и староста да се гледа покровителски. Љубовта, хуморот и хуманоста се средствата кои се користат за да се прикаже доста реалистична и трогателна слика на последното поглавје од животот, рече продуцентот и член на жирито Јан Харлан синоќа на соопштувањето на наградите на 11. „Синедејс“ во кино „Милениум“.
Во жирито за оваа селекција беа и филмскиот уредник на списанието „Egypt Today“ Шериф Авад и македонскиот режисер Вардан Тозија.
Соопштувајќи ги добитниците Харлан рече дека првото признание е за селекторот Бернд Будер зашто за официјалната програма избрал „толку десет добри филма кои толку ја отежнаа работата на жирито“.
„Сребрена ѕвезда“ за надобар режисер доби Хусеин Табак за режија на австрискиот филм „Вашата убавина не вреди ништо“. „Сина ѕвезда“ за најдобро сценарио му беше доделена на „Естонка во Париз“ – француско-белгиско-естонска копродукција во режија на Илмар Рааг. Специјална награда во официјалната конкуренција доби мароканскиот „Неверници“ – дебитантски филм на режисерот Мохсин Бесри.
Во селекцијата „Синебалкан“, во која се натпреваруваа седум филма од Балканот, за најдобар беше прогласен филмот „Клип“ на српската режисерка Маја Милош. Габи Бабиќ од жирито рече дека Милош добива „Златно сонце“ „за нејзината страствена, брутална и вознемирувачка приказна за љубовта и страста во еден деградиран свет“.
Специјална награда во „Синебалкан“ доби романско-холандскиот филм „Секој во нашето семејство“ на режисерот Раду Јуде. Покрај Бабиќ, која е директор на goEast фестивалот во Висбаден, Германија, во жирито за оваа категорија беа и режисерите од Словенија и од Полска Јан Цвиткович и Пржемек Војциежек.
Како и за отворањето на 15 ноември, за крај на фестивалот беше прикажан филм од програмата МК&ЕУ – најновиот на Горан Паскаљевиќ „Кога ќе се раздени“. Филмот го тематизира холокаустот на српските Евреи во Втората светска војна во земунскиот логор кај стариот саем во окупиран Белград.
Во филмот, во кој главната улога ја толкува Мустафа Надаревиќ, играат и Мето Јовановски и Зафир Хаџиманов, а музиката е на Влатко Стефановски. По проекцијата тие и се обратија на публиката во „Милениум“.
Зафир Хаџиманов рече дека филмот е храбар зашто потсетува на злосторства за кои, рече тој, треба да се потсетува, иако се повторуваат и остануваат неказнети.
– Добро е да се прават филмови и да се пишуваат книги и, воопшто, да има луѓе кои не забораваат злочинот да го обележат и да го казнат, истакна Хаџиманов.
Влатко Стефановски е горд што бил дел од проектот на Паскаљевиќ, на чие мајсторство, како што рече, постојано се одушевува. Мето Јовановски истакна дека филмот не е правен со намера да биде комерцијален. – Тој е без филмски трикови и ефекти, многу едноставен и сериозен, човечка драма – емотивна, потресна и возбудлива, рече Јовановски.
На 11. „Синедејс“ во изминатите 11 дена беа прикажани 107 филмови од кои 40 гала-премиери на познати режисери и учесници на престижни фестивали. Покрај официјалната програма, „Синедејс“ и МК&ЕУ, имаше и документарни, кратки, филмови на италијански режисери, музички документарци, како и филмови од кинематографијата на Египет, кои беа во годинашната програма „Земја во фокусот“.