Дигитална Европа

Од:

Social Europe – Лондон

Откако лабуристите објавија нов манифест, отидов на нивната веб страна со намера да го прочитам. За да стигнам до текстот прво морав да поминам низ портал на кој ми понудија да направам сопствена верзија на манифестот. Секој посетител можеше да одбере проблеми за кои верува дека навистина се важни, а потоа текстот од манифестот автоматски би се преуредил така тие проблеми посебно да ги потенцира.

Мислам дека тоа е најдобра илустрација на се што беше погрешно во лабуристичката кампања. Кампањата беше наизглед интерактивна, технолошки напредна и прилагодена на публиката: политиката е претставена со паѓачки имиња со многу различни опции за разновидно и главно незаинтересирано гласачко тело.

Всушност, лабуристите гласачите ги третираа како недораснати, ги заслепуваа со евтини трикови и им го свртуваа вниманието од навистина важни прашања. Кампањата само го потврди впечатокот дека лабуристичката стратегија ја сведува политиката на низа трансакциски избори кои можат поволно да се редат и да се преместуваат за да се произведе инстантна политичка филозофија. Во обид да се искористат трансформативните моќи на интернетот да ја развијат прогресивната политика, лабуристите успеаја да го тривијализираат и едното и другото.

Во меѓувреме, ториевците се држеа до старомодната политичка кампања, вклучувајќи едноставен изборен слоган, директен контакт со гласачите во окрузи со малото мнозинство опширен и досаден манифест. Резултатот беше предвидлив. Изборите во 2015 година покажаа дека дигиталната политика не е она што многумина мислеа дека е. Не знаеме колку таблоидите влијаеја на резултатот од изборите, но сосема е извесно дека Твитер не пресуди. Изгледа дека постарите медиуми имаа поважна улога од социјалните мрежи. Сепак, ќе погрешиме ако заклучиме дека дигиталната политика е само уште еден технолошки балон кој исчезнал во судирот со она што Давид Едгертон го опишува како што сме се надевале. Премногу време е потрошено на размислување за тоа како новите технологии можат да се искористат за целите на политичките партии; ни приближно доволно на испитувањата како технологијата суштински го менува тоа што нивните цели треба да бидат. Тоа е тема со која лабуристите мора да ги почнат разговорите за следните чекори.

Нова електронска граница на нееднаквоста

Во зората на технолошката револуција многумина изразуваа утописка надеж дека се наоѓаме на работ на ново доба на електронска демократија во кое директното учество и политичкиот ангажман на граѓаните ќе стане норма. Ни ветуваа транспарентност, достапност и секојдневни референдуми за важните прашања.

Но ништо од тоа не се случи. Додека нашите очекувања бледеа, вклучувајќи ги и невтемелените надежи дека слободната дистрибуција на информации ќе доведе до пад на автократските режими, вниманието е пренасочено на поприземни проекти за обезбедување на поддршка и мотивирање на гласачите. Ерата на дигиталната политика 2.0 е инаугурирана со кампањата на Обама во 2008 година, која го потврди големиот потенцијал на социјалните медиуми кога тие креативно се користат, посебно за контакт со младите или незаинтересираните гласачи. Изгледа дека лабуристите се уште живеат во 2008 година (апсурдната одлука за ангажирање на Давид Акселрод тоа го потврдува). Прашањето за тоа како дигиталната технологија влијае на начинот на кој луѓето гласаат и политички се ангажираат и понатаму е важно.

Сепак, неспоредливо е поважно како истата технологија го промени нашиот начин на живот. Многу од тие промени остануваат во втор план, па политичарите веруваат дека нема потреба да се бават со нив, ако тие воопшто се свесни. Сепак, факт е дека политичарите кои ги игнорираат промените, посебно тие од левицата, тоа го прават на сопствена штета.

На пример, никој не зборува за редистрибутивните ефекти од новата политичка економија која ја создаваат социјалните мрежи. Толку сме навикнати на фактот дека многу од услугите кои ги користиме по пат на интернет се бесплатни, од Фејсбук и Гугл, до Гардијан и националните железници, што тоа веќе и не го забележуваме. Секако, тие услуги не се бесплатни, разликата е само во тоа што не ги плаќаме со пари, туку со своите податоци, лични податоци за навиките, изборите и плановите кои ги откриваме секогаш кога ги користиме услугите. Тие податоци можат да се претворат во пари преку реклами.

Во новата економија информациите се разменуваат за информации кои посредниците ги претвараат во пари. Но, ако во замена за бесплатни услуги даваме лични податоци, можеме да претпоставиме дека во таа размена некои луѓе поминуваат подобро од другите, бидејќи податоците на одредени луѓе вредат повеќе од податоците на некои други луѓе. Тие кои располагаат со повеќе пари, релативно добростоечки групи до кои планерите на рекламните кампањи сакаат да допрат, треба за своите податоци да добиваат повеќе, ако новата економија функционира на тој начин. Фактот дека тоа не се случува значи дека тие со повисоки примања на извесен начин ги субвенционираат помалу имотните групи така што овозможуваат услугите да бидат бесплатни за сите. Корисноста на социјалните мрежи не може да се занемари, ако Фејсбук утре исчезне, светот тоа ќе го забележи. Исто така, не се тривијални ни паричните износи кои се вртат, ако Фејсбук утре почне да ги наплатува услугите, луѓето тоа ќе го почуствуваат. Во време на бесплатни работи политиката на нееднаквост е покомплицирана од што сме мислеле.

Редистрибуцијата и регресивноста во дигиталната економија

Не тврдам дека тоа е основната причина зошто пораките на лабуристите во растечката општествена нееднаквост и загрозената средна класа не го донесоа саканиот ефект. Но, тоа веројатно е дел од објаснувањата, ако поради ништо друго тогаш затоа што побогатите делови од средната класа помагаат на помалку богатите, да водат она што денес се нарекува пристоен живот, вмрежен живот. Не тврдам ни дека тие редистрибутивни ефекти се универзални. Се уште најголеми губитници се најсиромашните, вклучувајќи тука и голем број на постари, сите тие кои се лишени од ресурсите на дигиталната ера, бидејќи не можат да им пристапат. Исто така, не може да се тврди дека изедначените ефекти од новата технологија, колку и да се добродојдени, успешно ја неутрализираат растечката нееднаквост. Бесплатните книги на Амазон се добра работа, но тоа не значи многу за семејство кое нема доволно пари за свежо овошје и зеленчук.

Прогресивните политички партии мора да го разберат тој нов сложен терен и да размислат како најдобро да му пристапат. Во овој момент тоа е економија која речиси целосно ја покренуваат огромните корпоративни монолити на дигиталната ера. Гугл и Фејсбук диктираат услови на функционирање на пазарот и државата, да им се прилагодуваат. Прашање е дали владите, па дури и наднационалните организации како што е ЕУ, поседуваат моќ и знаење потребно новите монополи да се разградат (можеби тоа ќе го направи самиот пазар место нив). Сепак, владите можат да се обидат да ги насочуваат нивните постапки така да универзализираат што повеќе генерирана корист и да ги убедат граѓаните дека услугите од кои се повеќе зависат не се само сопственост на Фејсбук кој може да ги понуди или да ги скрати по своја волја. Прогресивните политички партии мора да развијат нови стратегии за обликување на настанатата економија, наместо да се држат до тесниот круг на политички тактики кои ги користат само за потребите на изборните кампањи.

Тоа е посебно важно кога се има предвид дека настанувачката политичка економија на дигиталната револуција носи извесни исклучително регресивин одбележја. Најважните меѓу нив се однесуваат на приватноста, тоа е тема која барем до сега привлекуваше најмногу внимание. Информациите кои ги даваме за себе се собираат без оглед на нашиот општествено економски статус или приходи, луѓето со послаби примања нема да ги остават на мира само затоа што познавањето на нивните потрошувачки навики е помалку вредно.

Во прашање е процес на машинско учење кој користи огромна количина на податоци, а машините кои учат не знаат што всушност сакаат да дознаат: никој не може да избега од нивните бескрајни апетити. Сепак, богатите, посебно тие кои имаат пристап до стручни технички знаења и поддршка, имаат поголеми шанси да се заштитат од нарушување на приватноста, од луѓето кои ги немаат потребните ресурси и поддршка. Едно од најголемите лицемерија на дигиталната ера се напорите кои технолошките милијардери ги вложуваат за да се заштитат од нарушување на приватноста кои ги подразбира нивниот деловен модел и ги наметнува на сите. Марк Зукерберг ги купи сите куќи кои се во околина на неговата куќа во Пало Алто, па никој не може да го шпионира. Потешко е да се дојде до електронска адреса на високите менаџери во Гугл отколку до адресата на претседателот на државата. Во овој свет парите купуваат заштита.

Се уште не знаеме каков е политичкиот потенцијал на тој проблем, бидејќи се чини дека на мнозинството не пречи тоа што не шпионираат (се додека се работи за онлајн шпионирање: луѓето кои никогаш не би дозволиле на непознати да им претураат по личните работи, подготвено ги ставаат своите виртуелни имоти на располагање на целиот свет). – Ако немаш што да криеш, нема од што да се плашиш – изгледа дека тоа е мантра според која се раководат многу корисници на мрежите. Но новите длабоки разлики кои настануваат не се ограничени на доменот на приватноста.

Бирократијата и технократијата

Дигиталната ера генерира огромни нови количини на бирократски работи кои го трошат човековото време и енергија, а кои најмногу ги оптоваруваат тие кои немаат можност да се заштитат. Самото одговарање на електронска пошта зима голем дел од времето на припадници на загрозената средна класа (богатите плаќаат некој тоа да го прави место нив, додека сиромашните обично не работат на места кои генерираат голема количина на пошта). Времето е се поскапоцен ресурс, посебно откако се покажа дека светот без папирологија би бил една голема илузија: на многу работни места (вклучувајќи го и моето, на универзитет) патиштата на виртуелните документи продолжуваат да се множат, а во чекор ги следат физички печатени документи.

Вработените во државните служби во болниците, општините, полицијата, даночната управа, посебно се загрозени. Тоа создава впечаток дека државната бирократија е дел од проблемот, дури и за партиите на левицата.

Како што Давид Грабер покажа, десничарите успеаја да ја монополизираат идејата дека тие се единствени заштитници на малиот човек во борбата против бирократската машинерија. Тоа е двојно погубно за социјалдемократијата. Прво, бидејќи е апсурдно. Неолибералниот поредок и инсистирањето на ефикасност се одговорни за се поголемиот притисок на времето на вработените; новите технологии само го забрзуваат тој процес. Политичките партии кои се залагаат за слободно делување на пазарните сили сигурно нема да ги заштитат обичните луѓе од нивните разорни последици.

Од друга страна, благодарение токму на тоа што успеаја да ја кооптираат идејата за спротивставување на бирократскиот апарат и класата на професионалните политичари, тие партии оставаат впечаток дека се борат за правата на обесправените групи. Смешна е идејата дека тирадите против скапото здравство и програмата за социјалната заштита, можат да спасат било кого од немилосрдниот поход на технобирократијата. Сепак, конзервативците некако успеваат да ја продадат. Тоа е друг голем проблем на социјалдемократите: порано имаа јазик со кој зборуваа за тие проблеми, но во меѓувреме го заборавија.

Во првите две третини на 20 век социјализмот се обидуваше да ги ослободат луѓето од трудот, а не да им го продолжат работното време.
Се сметаше дека во едно праведно општество прашањето за слободното време е важно политичко прашање, што е слободно време и што го прави можно. Дигиталната ера ги наведе политичарите да заклучат дека тоа прашање е надвор од нивната надлежност, бидејќи денес имаме толку различни опции за трошење на слободното време. Но, технологијата која тие опции ги направи достапни во исто време го редуцира времето расположливо за нивно користење. Политичарите денес не можат да интервенираат на традиционалните социјалдемократски начини, но социјалдемократите би морале да покажат на гласачите дека се уште размислуваат за тоа. Впрочем, партиите на десницата докажаа дека за добар резултат доволно е да оставиме впечаток дека мислиме на тоа.

Поход на машините

Зад проблемот на се поголемото оптоварување од бирократијата се крие еден подлабок страв кој речиси никој од политичарите не се обидува да го артикулира, можеби затоа што не се осудуваат. Колку работни места воопшто ќе преостанат кога книводствените машини ќе стигнат до својот полн капацитет? Јасно е дека различните форми на административниот труд на кој отпаѓа лавовски дел од работните места создадени со новите технологии, наскоро ќе ги истиснат истите тие технологии. Зошто машините сами не би одговарале на електронските пораки кои ги примаат од другите машини? Фразите како што се интернет работи и развиена роботика, се уште звучат премногу апстрактно за многу демократски политичари, но тие ја опишуваат стварноста која доаѓа. Неодамна објавените истражувања покажуваат дека на речиси половина денешни работни места машините можат да ги заменат луѓето во догледна иднина.

Некој ќе каже дека нема потреба за паника и дека дигиталната револуција на крај ќе отвори точно толку работни места колку и што затворила, како и сите претходни технолошки револуции. Меѓутоа, постојат убедливи причини да поверуваме дека овој пат се случува нешто ново. Темпото на технолошките промени, во комбинација со доказите дека новите технолошки гиганти како што е Фејсбук, се поуспешни во генерирање на приходите отколку во отварање на нови работни места, покажува дека се наоѓаме на прагот на големи општествени промени. Ланците на ресторани во Америка се почесто ги заменуваат келнерите со таблет компјутери поставени на масите, бидејќи тоа е поефтино и побрзо. Во мојот локален супермаркет во Кембриџ поставија 20 каси на кои купувачите сами ја пакуваат и плаќаат стоката.

Тука се само двајца вработени асистенти кои помагаат на купувачите и водат сметка за машините. Не само што бројот на нововработените е помал од бројот на отпуштените, туку и работата на таквите места е потешка: вработените постојано се под притисок и со купувачите комуницираат само кога настанува некој проблем, инструктор по зумба е едно од занимањата кое бележи најбрз раст во Америка. Исто така, човековата креативност уште долго нема да изгуби на цена. На таквите трендови политичарите обично одговараат со потенцирање на потребата за дополнително и подобро образование. Но, освен што е полесно да се каже отколку да се направи, тоа не е доволно решение за општествените и економски потреси на ерата на машините која доаѓа.

Социјалната заштита во дигиталната ера

Може да ни се чини дека сето тоа е премногу далеку од практичната потрага за решенија кои еден ден лабуристите повторно ќе ги доведе на власт. Но, лабуристите, како и сите политички партии, мора да најдат нов начин на размислување за неизвесната иднина во која тие идни избори ќе се одржат. Премногу постизборни расправи се насочени на минатото, не само на непосредното минато од времето на Блер и Браун, туку подолга лабуристичка традиција на ангажирањето и делувањето на заедницата. Тоа е важна традиција, но таа мора да се прилагоди на светот во кој идејата за заедницата и ангажманот поминува низ радикални технолошки промени. Во исто време лабуристите мора да ја ревидираат својата краткорочна стратегија во светло на новите трендови.

Тезите на ториевците дека успеале да ја претворат Британија во најголема фабрика на нови работни места во Европа ќе се најдат на удар не само на можните доаѓачки кризи туку и на самата политичка економија на дигиталната ера која отвара и набрзо потоа затвара работни места, кои секогаш се неизвесни и временски ограничени. Можеби договорите со нулта број на работни часа се добар начин луѓето да ги направиме поконкурентни во однос на машините, но тоа е натпревар во кој победува само една страна.

Вистинска работничка партија мора да размисли како да ги промени самите услови за трката на начин кој ќе обезбеди економската корист да не биде поништена со високи човечки загуби. Парализирајќи го технолошкиот детерминизам, впечаток дека се наоѓаме под контрола на сили на прогресот кои луѓето повеќе не можат да ги контролираат, упатува на заклучок дека државата навистина станала непотребна. Но, тоа е апсурдно. Политиката никогаш не била поважна за обликување на општествената средина во која ќе се одвиваат промените. Социјалдемократите мора да се прашаат што е точно социјалната заштита во таква средина и што државата може да направи да ја обезбеди. Ништо од тоа нема да биде лесно, но лабуристите секако ги чека десет години во опозиција и ќе имаат доволно време за размислување.

Дигиталната политика не е само користење на Твитер, па гласачите да се повикаат на гласачките места. Во ерата на дигиталната револуција, која трае само 40 години, една деценија е цела ера. Темпото на промените и понатаму ќе се забрзува. Иднината нема да припадне на партии кои се обидуваат да спречат или да контролираат промена, бидејќи тоа никој не може, туку на таа партија која ќе успее промената да ја стави во служба на интересите на поголем број на луѓе отколку што тоа е денес случај.

Давид Рункман е професор по политички науки и шеф на катедрата за политички науки и меѓународни односи на Универзитетот во Кембриџ.

Би можело да ве интересира

„Легион плеј“ – нова рачна конзола на „Леново“

Ана Ололовска

Сметководителите ќе исчезнат, ќе бидат заменети со роботи

Ана Ололовска

„Нинтендо“ го претстави новиот „Свич ОЛЕД“

Ана Ололовска

„Уан-Плус“ го претстави поевтиниот модел „9-Р“

Ана Ололовска

Банка во Сингапур воведе технологија за препознавање лица, за услугите со банкомат

Ана Ололовска

Ако машините завладеат со светот, на маицата напишете „Робот“

Ана Ололовска