Децата од Детското село во Скопје имаа можност да присуствуваат на проекција на филмот за Мечето Педингтон, создадено пред 50 години од англискиот писател Мајкл Бонд, а сега оживеано за големиот екран со помош на Интел технологија.
Гостин на настанот, кој го организираше фондацијата „Д-р Михаил Левенски“, беше и почесниот конзул на Република Перу во земјава Ненад Јаничевиќ, кој им даде интересни информации за земјата Перу од каде потекнува мечето Педингтон.
Директорката на Детско село за Македонија, Јулијана Гапо на овој настан додели благодарница на Фондацијата. Таа ја нагласи важноста на вклучување на децата од Детско село во активности од забавен и едукативен карактер каде можат да се дружат и запознаваат со други дечиња и да стекнуваат нови сознанија и нови пријателства.
Претседателката на Фондацијата Камелија Левенска го потенцираше значењето на поврзување на идеите, вољата и позитивните заложби во реализација на корисни активности за позитивни цели.