Дарко Митревски: Секоја генерација треба да се бори против омразата

Од:

Американската академија за филмски уметности и науки денеска ќе го објави потесниот избор од девет филмови, кои ќе останат во трката за Оскар за најдобар странски филм.

Конечните номинации ќе бидат објавени на 10 јануари. Меѓу 71 пријавени филмови е и македонскиот филм ,,Трето полувреме” на Дарко Митревски.

Филмот е приказна за првиот фудбалски клуб во земјата и за тажната судбина на една Еврејка, Нета Коен во кој Бугарите, врз основа на историски факти, фотографии, снимки и сведоштва, се прикажани како окупатори на Македонија. Тоа предизвика реакции на Бугарија, која филмот не го перцепира како уметничко дело туку како „водење антибугарска кампања и извртување на историските факти“.

– Ве молам, обидете се да разберете дека информациите, фактите и податоците презентирани во овој филм се идентични и јас ќе повторам идентични со информациите кои би можеле лесно да се најдат на веб-страниците, на пример во американскиот музеј на Холокаустот во Вашингтон,  Центарот ,,Јад Јашем” во Тел Авив и Еврејскиот музеј во Берлин. Сите тие важни институции кои се занимаваат со прашањата на Холокаустот, го потврдија ова пред три години. Јас би рекол, децении порано, така што не постојат полемики, вели Митревски во денешното интервју за Радио Слободна Европа на англиски јазик.

За авторот, како што пренесе дописникот на МИА од Прага, филмот кој го прикажува историскиот дел на фудбалскиот клуб ,,Македонија” и неговиот познат тренер од еврејско потекло Рудолф Шпиц     филмот не носи силна суштинска политичка порака, туку само се обидува да ги потсети луѓето на омразата што се случи во тоа време.

– Тогаш живеела генерацијата на моите родители (за време на Втората светска војна) и таа омраза на Балканот видовме дека може лесно да се повтори. Пред околу 20 години омразата повторно избувна и јас бев генерацијата која беше сведок на тоа. И тоа навистина беше силна мотивација за мене. Да се бориме против тоа или да покаже дека секоја генерација мора да се бори одново и одново, доколку сакаме мир во регионот, оценува Митревски.

За македонскиот режисер, пораката на тројцата бугарски европарламентарци, кои минатата година, ја упатија до комесарот за проширување на ЕУ, Штефан Филе, дека Македонија со филмот, се ,,обидува да манипулира со балканската историја, ширејќи омраза”, за Митревски е неразбирлива со оглед на тоа што Европските институции немаат надлежност во врска со филмот.

– Тие, (бугарските европратеници) го нарекуваат филмот со разни имиња, но не го виделе. Па како некој може да разговараат за филм што не го видел? Врз основа на приказни, гласини и озборувања кои тој ќе ги најде на интернет?, додава Митревски.

Тој смета дека бугарската страна можеби е загрижена дека историската  улога на нивниот политички идол и патрон, бугарскиот цар Борис Трети може да бидат претставени од негативен аспект.

– Да, јас треба да кажам тие треба да бидат загрижени. Но, како што реков можете лесно да ги најдете фактите на интернет, објаснува Митрески во интервјуто за централната редакција на РФЕРЛ.

За Митревски, бугарската реакција не била со цел да се нападне содржината на филмот туку обид да се спречи неговото завршување и дистрибуција, што ,,за среќа не успеала бидејќи билетите за прикажување на филмот во Македонија се распродадени однапред”.

Семејството на еврејката Коен, чија приказна е прикажана во филмот присуствувало на премиерата и според режисерот, за нив делото е еден вид ,,помирување”, бидејќи многу години тие не знаеле што да мислат за тие времиња и дали нивната роднина била жртва или победник.

Митревски со Нета Коен се сретнал пред 12 години, кога од Фондацијата за Холокаустот на режисерот Стивен Спилберг дознал за нејзиното постоење и приказна. Фондацијата е основана токму за оваа намена, за да се зачуваат од заборав сведоштвата и многу индивидуални приказни за преживеаните од Холокаустот во целиот свет.

– Мислам дека нејзините зборови ја кажаа вистината, вистината дека ревизионистите и оние кои го негираат Холокаустот се обидуваат сето тоа да го негираат. Тие, (нејзините зборови) ја кажуваат вистината со едноставни зборови многу, многу подобро отколку целиот филм затоа што тоа е голата вистина. Тоа е нејзиниот живот, вели Митревски кој е задоволен од промовирањето на филмот во САД.

Би можело да ве интересира

Првиот македонски долгометражен анимиран филм ќе има светска премиера на еден од најголемите фестивали за фантастика во светот

На „Браќа Манаки“ преставени кинематограферите Јошио Китагава, Азамат Дулатов и Јошико Такано

Почесна „Златна Камера 300“ за Јанаки Манаки од ИФФК „Браќа Манаки“

Предраг Петровиќ

Ридли Скот најави нов филм и ја воодушеви публиката: „Веќе имам идеја за продолжение“

Предраг Петровиќ

„Бизнисот на задоволството“ почна да се прикажува пред македонската публика

Серија која го сруши рекордот на Еми наградите, гледачите ја споредуваат со „Игра на троновите“