Со филмот „Соларис“ од 1972 година, Кинотеката на Македонија вечер почнува циклус филмови на рускиот режисер Андреј Тарковски, кој свечено ќе го отвори актерката од неговиот филм Наталија Бондарчук.
„Соларис“ е снимен според истоимениот научно-фантастичен роман на Станислав Лем и, според филмската критика, е веројатно најдоброто остварување на Тарковски, во кое слично на Кјубриковиот пристап во „Одисеја: 2001“, тој интелектуално третира метафизички проблеми. Во 1972 година, филмот ја доби наградата на Големото жири на Канскиот филмски фестивал.
Во филмскиот циклус до 9 декември ќе бидат прикажани и „Сталкер“ (1979), „Андреј Рубљов“ (1966), „Ивановото детство“ (1962), „Огледало“ (1974) и документарен филм за снимањето на „Соларис“. Ќе биде промовирана и книга „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А.А. Тарковски“ од Атанас Чупоски, издание на Кинотеката. Петте филмови ќе бидат прикажани и во Центарот за култура во Битола, од 6-ти до 11 декември.
Циклусот филмови на Андреј Тарковски е реализиран со помош на Рускиот културно-нформативен центар во Софија, Руската амбасада во Скопје, Филмскиот фонд на Македонија и Центар за култура – Битола.
Наталија Бондарчук (1950) дипломирала на катедрата за филм во Москва, а дебитирала во 1970 година во филмот „Езеро“. Светска слава добила во 1972 година со улогата на Хари во култниот научно-фантастичен филм „Соларис“. Како режисер и сценарист Бондарчук дебитирала во 1975 со филмот „Несреќната мајка“. Во приватниот живот, Наталија е во брак со актерот и режисерот Николај Петрович Бурљаев, познат по улогите во „Ивановото детство“ и „Андреј Рубљов“ на Тарковски.