Осумнаесет животни, птици и инсекти се избрани за да се појават на идните банкноти на Банката на Англија, а јавноста сега може да гласа за тоа кои видови ќе бидат прикажани на новите апоени.
Кандидатите, меѓу другите, вклучуваат атлантски пуфкан, шумски був, голем клукајдрвец и белоопашест орел, додека категоријата цицачи вклучува див зајак, европски еж, сива фока, златна куна и црвена лисица, објави Би-Би-Си.
Селекцијата вклучува и атлантски лосос, џиновска ајкула, жолт бумбар, ливадска жаба, вид вилинско коњче и мочуришна пеперутка.
Јавното гласање е отворено и трае еден месец, а граѓаните можат да изберат до шест фаворити од потесен список.
Новите банкноти ќе содржат по едно суштество по апоен.
Банката наведува дека целта на процесот е да се освежи дизајнот на банкнотите, а воедно да се зајакне заштитата од фалсификување, а новата серија сè уште ќе го содржи портретот на монархот.
Промената следува по одлуката за отстранување на историските личности од банкнотите, меѓу кои досега беа поранешниот британски премиер Винстон Черчил, авторката Џејн Остин, сликарот Вилијам Тарнер и математичарот Алан Тјуринг.
Предлогот за замена на познатите личности со мотиви од диви животни предизвика политички реакции во Велика Британија, при што некои лидери го сметаат потегот за контроверзен.
