Ултрамаратонците Александар Чекоров и Александар Смилков информираат дека успеале да го урнат Гинисовиот рекорд во туркање автомобил во рок од 24 часа. Чекоров и Смилков успеале да го истуркаат возилото на кружна лента во спортскиот центар Форца дури 95 километри и 120 метри, значително повеќе од досегашниот рекорд кој изнесувал 82,4 километри.
Двајцата спортисти почнаа со обидот да го урнат несекојдневниот рекорд во 8 часот во саботата. Според соопштението за јавноста, Чекоров и Смилков очекуваат дека Гинисовата книга на светски рекорди ќе го признае нивниот нов рекорд, по разгледувањето на целата документација за потфатот, како и дека овој рекорд долго време ќе остане во нивни раце, имајќи предвид дека успеаја да го подобрат досегашниот рекорд за повеќе од 10 километри.
Двајцата туркаа даеву матиз, кое беше управувано од лица кои се менуваа во текот на 24-те часа.
Чекоров е еден од најистакнатите македонски ултрамаратонци, првиот Македонец кој истрчал 100 километри и сопственик на рекордите на ултрамаратонските трки, додека и Смилков е истакнат маратонец и спортист.