Рускиот претседател Владимир Путин, според тврдењата од новата книга на двајца руски новинари, бил во блиска врска со тогаш 17-годишна девојка која позирала во еротски календар.
Книгата „Императорот лично. Како Владимир Путин нè измами сите“, од двајцата автори Роман Баданин и Михаил Рубин, тврди дека самиот Путин го финансирал создавањето на календарот, а во тој процес ги добил и контактите на моделите кои позирале во него.
Една од нив била Алиса Харчева, сега 32-годишна. Според авторката, кратко по објавувањето на календарот, соработниците на Путин ја повикале и ја поканиле во претседателската резиденција надвор од Москва.
„По првата средба, младата убавица го посетувала претседателот на секои две недели во текот на цела година“, тврди извор кој говорел за книгата, пренесува Дејли Меил.
Потоа, во 2011 година, Харчева го бранела своето појавување во календарот во телевизиското шоу „Десет милиони“, нагласувајќи дека сè се случило „во рамките на границите“ и дека позирала во „летен фустан“. Додаде дека Путин бил воодушевен од фотографиите.
Истата година, Харчева се запишала на МГИМО, најпрестижниот универзитет во Русија кој обучува дипломати, разузнавачи и идни политички кадри. Според изворите, тоа не било резултат ниту на богатство ниту на одлични оценки, бидејќи само една година претходно таа не го положила приемниот испит на Московскиот државен универзитет.
„Тоа беше награда од Путин“, им рекол еден од соговорниците на авторите на книгата.
Две години подоцна, по повод 60-тиот роденден на претседателот, Харчева објави фотографија со маче и портрет на Путин на својот блог со наслов “Pussy for Putin”, пофалувајќи го неговиот хумор и пристап кон работата. Но, објавата набрзо исчезна, заедно со нејзините стари фотографии.
Авторите наведуваат дека таа буквално рекла: „Бев љубовница на Путин“.
Во 2015 година, во јавноста протече информација дека на 23-годишна возраст, Харчева станала сопственичка на луксузен стан во елитен дел од Москва. Според податоците што ги цитираше Ројтерс, станот ѝ го префрлил Григориј Баевски, близок деловен соработник на Аркадиј Ротенберг, долгогодишен пријател на Путин.
Истрагата откри дека Баевски обезбедил станови и за други жени од кругот на Путин, вклучувајќи го и семејството на Алина Кабаева, поранешна олимписка гимнастичарка и наводно долгогодишна партнерка на Путин.
Кога ја прашале за купопродажбата, Харчева тврдела дека станува збор за „сосема нормална трансакција преку агенција за недвижности“ и дека го отплаќала станот преку хипотека.
„Никој никогаш не ми поставил толку глупави прашања“, остро одговорила таа кога ја прашале за нејзината поврзаност со претседателот.
Авторите на книгата, исто така, тврдат дека таткото на Алиса Харчева редовно добива 1.000 долари месечно од државна компанија управувана од Владимир Табак, човекот што го организираше контроверзниот еротски календар и кој сè уште е вклучен во креирање пропагандна содржина за Кремљ.
„Со други зборови, човекот што ги спои царот и младата девојка му плаќа пари на нејзиниот татко секој месец, можеби за молчење“, се вели во книгата, објавува Дејли Меил.