Системот „Автопилот“ којшто се користи во електричните автомобили на „Тесла моторс“, е под истрага за 11 сообраќајни незгоди, во кои беа повредени 17 лица. При тоа е забележан и еден смртен случај.
„Повеќето несреќи се случиле ноќе, а мерките за контрола на сообраќајот, како што се возила за итни случаи, факели, осветлени табли со стрелки и конуси на патот биле присутни на тие места. Возилата вклучени во несреќите имале автоматски пилот или контрола на сообраќајно крстосување при приближување кон овие локации“, се вели во документите за истрага.
Американската Национална управа за безбедност во патниот сообраќај почна истрага, првично со нагласка на автопилотот на моделите „Y“, „X“, „S“ и „3“, на „Тесла“, произведени меѓу 2014 и 2021 година, што значи – околу 265.000 електрични возила. Несреќите се случија меѓу јануари 2018 и јули оваа година, во американските сојузни држави Масачусетс, Мичиген и Аризона, а три несреќи се случиле и во Калифорнија. Автопилотот го држи автомобилот во лента и ја одржува брзината, но сепак тој не е целосно самоуправувачки систем. Возачите се одговорни за другите фактори, како што се други возила и следење на однесувањето на други возачи.
„Истрагата дополнително ќе ги разгледа OEДР-факторите во режим на автопилот, како и OДД кога самоуправувачкиот пилот е функционален. Исто така, ќе се анализираат околностите за потврдени несреќи”, се додава во извештајот.
Во 2016 година, загина првото лице во несреќа поврзана со автопилот, а оттогаш имаше неколку истраги за случаи кога се веруваше дека Автопилот одиграл улога. Властите им наложија на производителите на автомобили да пријават несреќа поврзана со самоуправувачки и полу-самоуправувачки системи за возење во рок од 24 часа по настанот.