„Астерикс и исчезнатиот документ‟ е името на 36 продолжетоци на серија стрипови пуштени во продажба во светот, но некои детали се појавија порано иако авантурата на двата лика се чува како строга тајна, пренесе Дојче веле.
Темата се случува во познато непокорено село во Галија за чиј отпор се кршат сите римски обиди.
Тука е кучето Догматикс, потоа волшебникот чиј напиток селото го прави непобедливо, трговец со риба, кој постојано се расправа со ковачот кога тој ќе се пожали на застоена риба и неговото пеење, кое е толку неподносливо што ги брка и свирепите непријатели од селото.
Но, најновата авантура на Астерикс вклучува шпионажа, тајни и предавства, заедно со еден од новите ликови кој наликува на Џулијан Асанж.
Вградувањето на моменталните настани во историските настани е заштитен знак на стриповите на Астерикс, а содржи и карикатури на многу јавни личности, давајќи така нова димензија на хуморот на приказната.
Творците на Астерикс Рене Госини и Алберт Удерзо се потрудија нивните стрипови да бидат интересни за децата но и за возрасните.
Кога Удерзо се пензионираше, го одбра за писател Жан-Ив Фери и илустраторот Дидије Конрад да ја продолжат традицијата, но под негов надзор. Нивниот прв стрип, 35 во серијата на Астерикс, е издаден во октомври 2013 година. Астерикс и Пикти е продаден во над 5 милиони примероци.
Меѓутоа, како што Римјаните никогаш не го окупирале целото подрачје на Галите, наспроти нивната голема меѓународна популарност, Астерикс и Обеликс никогаш не успеаја на еден не така мал пазар, во Соединетите Американски Држави.
Карикатуристот Дидије Конрад, кој повеќе од 20 години живеел во САД, смета дека тоа има врска со фактот дека мора да се навива за послабиот за да се ужива во овој стрип, а тоа не е својствено на Американците, рече тој за германскиот весник „Велт‟.
Без оглед на тоа, Астерикс е „глобален феномен‟, вели за Дојче веле германскиот преведувач Клаус Јекен.
На прашањето како тоа авантурата на непобедливите Гали допира до луѓе со различни културолошки позадини, тој вели „толку малку знаеме за Галите, па сепак сите можат да ја почувствуваат поврзаноста со фиктивното село кое го измислија Госини и Удерзо‟.
Серијата стрипови донесува стереотипни шеги на сметка на различни нации: Белгијанците јадат помфрит, Британците пијат врела вода (пред да го откријат чајот), а Германците поради нацистичкото минато се претставени како глупи Готи кои маршираат со параден чекор.
Наспроти овој приказ, книгите се многу популарни во Германија. Марко Миц кој го води најголемиот портал на фанови Комедикс, вели дека Астерикс успева во европската култура, а сите тие луѓе порано биле во некој вид на конфликт. „Оваа серија ги напаѓа тие стереотипи‟, вели тој.
Астерикс е национален херој во Франција, а маркетингот кој го опкружува придонесе за тој успех.
Тука се и осум долгометражни анимирани филмови и четири акциони филмови во кои играат познатите глумци Жерар Депардје, Роберт Бенјини, Ален Делонж.
Брендирањето на производот исто така финансиски помогна на издавачот и креаторите на стрипот, а постои и голем тематски парк во близина на Париз.