Холивудската актерка Анџелина Џоли го доби судскиот спор за авторските права на нејзиниот дебитански филм како режисер „Во земјата на крв и мед“, објави „Холивуд репортер“.
Процесот го покрена хрватскиот новинар Јосип Кнежевиќ неколку недели пред официјалната кино премиера на филмот кон крајот на 2011 година, тврдејќи дека филмската сторија за љубовната приказна за време на Војната во Босна и Херцеговина претставува плагијат на неговата книга „Кршење на душата“.
Според Кнежевиќ, еден од продуцентите на филмот, Един Шаркиќ уште пред снимањато на „Во земјата на крв и мед“ му рекол дека е можно неговата книга да биде искористена како филмско сценарио.
Судот сепак реши дека книгата и сценариото за филмот не се исти, бидејќи „Кршење на душата“ е фокусирана на семејството, љубовата и човековата сила, а „Во земјата на крв и мед“ на измамата, насилството и трагедијата.
Книгата „Кршење на душата“ во 2007 година е објавена на хрватски јазик, а набрзо потоа е испечатена и нејзина скратена верзија на англиски јазик.
Во книгата се говори за љубовта меѓу Хрват и Муслиманка од едно село во БиХ во време на почетокот на војната во 1992 година.