Ана Дурловски ќе настапува во Метрополитен опера во 2014 година

Од:

Сопранот со интернационална кариера Ана Дурловски, која во саботата го доби европскиот оперски оскар „Фауст“, во 2014 ќе настапи во Метрополитен опера во Њујорк, во улогата на Кралицата на ноќта во „Волшебната флејта“ на Моцарт, која првпат ја играше во Државната опера во Виена пред шест години.

– Ана Дурловски ќе биде првиот македонски оперски пејач кој ќе настапи на сцената на најголемата оперска куќа во светот – Метрополитен операта во Њујорк, соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која денеска во својот кабинет ја прими Дурловски по повод престижната музичко-театарска награда „Фауст“, еквивалент на филмскиот Оскар.

Наградата за најдобро европско остварување во 2011/2012 во земјите од германско јазично подрачје и беше врачена на гала-вечер во театарот „Ерфурт“ во германската покраина Тирингија, за улогата на Амина во операта „Месечарка“, продукција на Операта во Штутгарт.

Министерката и ја честиташе наградата, како и изборот за Метрополитен, нагласувајќи дека со  ангажманите на светските  сцени ја афирмира и македонската култура.

– Нашата оперска ѕвезда континуирано во изминатиот период ги освојува европските и светските оперски сцени, промовирајќи ја Република Македонија како  држава на врвни уметници и таленти. Сакам лично да и се заблагодарам за досегашниот успех и одличната промоција на нашата култура и држава. Нејзината скромност е голема доблест и верувам дека како и досега ќе продолжи да се кити со голем број награди и дека успешно ќе се претставува во светските оперски куќи, истакна Канческа-Милевска.

Претставите на „Волшебната флејта“ во кои ќе игра Ана во Метрополитен ќе се изведуваат од септември до ноември 2014 година. На покана од њујоршката оперска куќа таа пред десет дена била на втор круг од аудициите и ја добила улогата.

– Метрополитен опера е исклучително голема куќа и воопшто како простор да се исполни со глас е посебно тешко. Сакаа да видат дали моите гласовни способности се на тоа ниво за да можат да ми ја понудат улогата, рече Дурловски.

За освоениот оперски оскар е почестена, задоволна и изненадена но, како што рече, за работата повеќе сака да зборуваат делата и резултатите отколку  самата да говори за тоа.

– Секој уметник тргнува од уметничкиот порив да твори и, барем кај мене било така, никогаш не сум очекувала да бидам наградена, зашто не се занимавам со оперското пеење од тие побуди. Затоа сум затечена од целата ситуација, од наградата и од номинацијата. Ангажманот во Метрополитен  ми е потврда дека сум на вистинскиот пат и би сакала да продолжам и, ако има поубави и поимпресивни моменти, да ги приложам, истакна Дурловски на приемот во Министерството за култура.

Во меѓувреме неа ја очекуваат и други меѓународни гостувања  – во март ќе настапи на стадион во Кејптаун, Јужна Африка, со најпознатиот современ баритон Лео Лучи, а ќе има и настап во Кралската опера во Мадрид.

Покрај честите гостувања и ангажманот во Државниот театар на Штутгарт, Ана Дурловски (1978) настапува и во Македонската опера и балет – за отворањето на новата оперска сезона минатиот месец ја играше насловната улога во „Лучија од Ламермур“, со која и дебитираше во 2000 година.

Би можело да ве интересира

Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Шопен под отворено небо со Дино Имери

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје