Џез музичар од американската сојузна држава Тенеси стана првиот човек во светот кој во исправена положба на штица за сурфање успеа да го мине протокот меѓу Куба и Флорида.
Триесет и петгодишниот Бенџамин Фрајберг во четвртокот исплови од Хавана и по 28 часа пристигна на островот Ки Вест крај брегот на Флорида.
За време на сурфањето, долго 177 километри, Грајберг бил придружуван од глисер во кој биле неговиот татко, лекар и еден искусен морнар.
Пред да тргне од Хавана, Фрајберг рече дека негова цел е да поттикне на мир и разбирање меѓу Куба и САД, но и да го популаризира здравиот начин на живеење.
Овој љубител на екстремните споротви целиот пат го минал стоејќи на „даската“, а седнувал само додека јадел.
Ова не е прв потфат на Фрајберг. Тој лани сурфаше 24 часа по реката Јукон во Канада. За тој период мина 383 километри, што е најголемото досега забележано растојание измината на штица за сурфање.