Австриски активисти бараат промена на името на познатото австриско црно вино, кое е наречено по човекот што го создал Фридрих Цвајгелт (Friedrich Zweigelt), кој бил „страстен нацист“.
Виното Цвајгелт било создадено со вкрстување на виновите лози Санкт Лорен и Блауфренкиш, што во 1922 година му успеало на Фридрих Цвајгелт. Тој својата креација ја нарекол „Ротбургер“, а после неговата смрт виното било наречено по него.
Иницијативата „Институт без одредени особини“ ги критикуваше австриските винари затоа што, како ниту една друга стопанска гранка, молчат за нацистичкото минато.
– Молчат иако Цвајгелт бил „страсен нацист“, кој од април 1933 година бил член на тогаш забранетиот НСДАП, истакнаа претставници на иницијативата.
Активистите истакнаа дека Цвајгелт велел оти „лошиот сон е избркан со бучното чекорење на гермнаките војници“, и оти членови на локалниот отпор му префрлувале на Цвајгелт дека можел да спречи предавање на еден ученик на Гестапо, и дека лично профитирал од доаѓањето на нацистите.
Од 1938 година до ослободувањето на Австрија тој бил директор на образовна установа за вино и градинарство во Клостернојбург.
По завршувањето на војната го изгубил тоа работно место и бил ставен во затвор поради ширење омраза, но по само шест месеци бил ослободен.
Активистите бараат расветлување на минатото на Цвајгелт и информирање за нацистичката позадина, како и промена на името на овој вид вино.