Помина точно една година од затворањето на најгледаниот медиум, А1 телевизија. Во целата хајка што почна пред две години, сеуште и денес се прават напори да се оправда згаснувањето на највлијателниот медиум, иако причината е позната и јасна.
По една година од згаснатата фреквенција на А1, објектот на телевизијата е празен и демолиран. За голем дел од вработените тоа беше денот кога нивната егзистенција тргна по удолница од која сеуште не можат да се вратат.
Првиот сигнал А1 телевизија го доби на 20 јануари 1993 година, а национална концесија доби во 1997 година. А1 Телевизија пред нејзиното затварање беше највлијателната телевизија во Република Македонија.
По повеќе од 18 години најстарата, приватна телевизија престана да емитува програма на 30 јули 2011 година поради одлука на Агенцијата за електронски комуникации. Директорот на АЕК донесе решение на кое се повикува по член 62 став 1 алинеја 4 од Законот за радиодифузна дејност, бидејке компанијата А1- телевизија ДОООЕЛ- Скопје имала отворено стечајна постапка.
Дел од македонските експерти сметаа дека ова е пресметка на владеачката партија со А1 телевизија која известувала во корист на опозицијата.Затворањето на А1 од Стејт Департментот, репортери без граници, Хелсиншки комитет, од ОБСЕ, беше означено како замолчување на критички настроените медиуми. Затворањето влезе и во Извештајот за напредокот на Република Македонија.
Во јули 2008 година, во рамките на А1 телевизија беше оформена и нова А2 телевизија, чија фрекфенциј, неодамна беше одземена со одлука на Советот за радиодифузија, поради програмска неусогласеност.
Дел од новинарите, снимателите, монтажерите, тонците и вработени во други бранши, работат во други медиуми, дел останаа без работа.
Една група се собра околу иста идеја, и продолжи со интернет новинарството, последната надеж за демократизација на јавниот простор. Од мај месец функционира а1он.
Видеото е направено од колега од А1, тоа е дел од него, но и дел од сите нас.