Зоран Јолевски мина во Вашингтон речиси седум години во својство на амбасадор. Запрашан за тоа што смета дека е негово најголемо постигнување во тој период, посочи на потпишувањето на Декларацијата за стратешко партнерство и пријателство со САД во 2008-ма, што го нарече „круна на мандатот“.
„САД е многу значајна земја, силно општество. Соработката може понатаму да напредува во сите области“, кажа Јолевски за Гласот на Америка на македонски.
Со оглед дека е номиниран за министер за одбрана, Јолевски се осврна на очекувањата од ресорот.
„Прво, како министер за одбрана можам да кажам дека сум горд на македонските војници што ја претставуваат Македонија во Авганистан“, истакна тој.
Наближува самитот на НАТО во септември.Сепак, можноста за прием на Македонија во НАТО под привремената референца е тешко остварлива, изјави неодамна генералниот секретар на НАТО Расмусен.
Запрашан како може да помогне во процесот, Јолевски кажа:
„Членството на Македонија во НАТО е највисок приоритет во надворешната политика на Македонија. Следниот период, целосно ќе се посветам на остварување на оваа цел. Дали тоа ќе се случи за два и пол месеци или на некој состанок на Северноатлантскиот совет (НАК), бидејќи формално-правно поканата за Македонија не мора да и` биде врачена само на самит, може тоа да се случи на било кој состанок на НАК“, констатира амбасадорот.
За реформите во АРМ, кои се неопходни за членство, коментира:
„Треба да ги имаме во предвид приоритетите на одбраната и безбедноста на Република Македонија и паралелно, приоритетите на НАТО. Една од концептите за кои овде во САД доста се разговара е таканаречната „мудра одбрана“, односно како можат капацитетите на земјите-членки на НАТО да се надополнуваат една со друга, така што Македонија треба да најде соодветно место во структурите на НАТО. Јас ќе работам во таа насока и тоа не само во координација со членките на НАТО, туку и во координација со нашите соседи“.
Јолевски беше и преговарач за Македонија во спорот за името со Грција. Не одговарајќи директно на прашањето дали ќе остане во тој капацитет и додека ја врши функцијата во Министерството за одбрана, тој рече:
„Една од првите работи што ги направив кога бев предложен за министр за одбрана е да му се јавам на медијаторот Метју Нимиц, да го информирам за мојата нова функција, при што се договоривме дека разговорите под покровителство на ОН треба да продолжат, како и за тоа дека Македонија останува посветена за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение кое ќе го заштити македонскиот идентитетот и дигнитетот. Се договоривме тој да продолжи со неговиот план наскоро да ги посети Скопје и Атина“.
Јолевски има верба во продолжителното партнерство со САД. Од независноста на Македонија, САД ја подржуваат државата, но се` уште има простор за унапредување на односите, ни кажа амбасадорот во ексклузивното интервју за Гласот на Америка.
Јане Бојаџиевски, Глас на Америка на македонски