По одлуката на на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал корупција да вложи жалба на одлуката за условен отпуст на новинарот Томислав Кежаровски, се огласи Здружението на новинари со остра осуда на постапката.
За ЗНМ ова е невешт театар да се одглуми правна држава и бескрупулозна игра на нерви на штета на еден невин новинар и слободата на говорот.
За ЗНМ жалбата на обвинителството на условниот отпуст на Кежаровски е одмазничка и нехумана, а тврдењето на обвинителството дека Кежаровски не ги исполнува условите за условен отпуст покажува дека оваа институција одбива да ја прифати одговорноста што две години гони невин човек.
„Со овој чин Обвинителството безуспешно се обидува пред јавноста да ги дискредитира новинарите како најголеми криминалци кои не заслужуваат никаква милост и со тоа да ја девалвираат мисијата на медиумите во едно демократско општество како коректив на власта.Освен тоа, однесувањето на обвинителството е нечовечко изживување врз Кежаровски и неговото семејство, со цел да ги скршат и да станат пример за сите други новинари и граѓани, кои ќе се дрзнат да го предизвикаат системот кога ќе им се кршат нивните слободи и права.Случајот на Кежаровски покажа дека во Македонија не останало ништо од правната држава и правдата затоа што полицијата, обвинителството и судот се здружија во кршењето на слободата на говорот, како една од основните човекови права и слободи“, стои во соопштението на ЗНМ.