На 3-ти Мај, Светскиот ден на слобода на печатот, новинарите во Македонија немаат причина за прославување затоа што слободата на изразување и независноста на медиумите се сериозно загрозени. Иако македонскиот устав го гарантира правото на слободата на говорот и на информирањето,овие основни човекови права за жал се неостварливи. Водечките медиуми во Македонија се пристрасни и непрофесионални, кои место да ја информираат јавноста за состојбата во општеството, станаа пропагандно средство на владејачката структура, велат од ЗНМ.
Ваквата оценка ја потврди и Извештајот на Набљудувачката мисија на ОБСЕ и на Советот на Европа, кои го мониторираа начинот на известување на медиумите за изборите. Тие забележаа дека медиумите известуваа пристрасно во корист на власта. Освен тоа Македонија во последните 7 години падна за 87 места на Индексот за слобода на изразување на Репортери без граници и се ноаѓа на 122 место на идексот на Фридом хаус.
Ваквата состојба е резултат на погрешните медиумски политики спроведени уште од осамостојувањето на земјата, кои за жал ескалираа во последните години.
Томислав Кежаровски е единствен новинар во Југо-источна Европа осуден со казна затвор за напишан текст, а Зоран Божиновски е единствен нвинар во Европа обвинет за шпионажа.
Носителите на високи јавни функции се уште ги користат тужбите за клевета и навреда да ги заплашуваат новинарите и да ги одвраќаат да истражувааат. Казната за неделникот Фокус од 6 илјади евра за наводна клевета на Директорот на Управата за безбедност и контраразознавање претставува еклатантен пример на неспроведување на праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Новите медиумски закони во целост не се усогласени со препораките на Совет на Европа и Европските стандарди. Тие не обезбедуваат независност на Агенцијата за медиуми и Македонската радио телевизија, а во нив се предвидени високи казни за медиумите и има обид да се дефинира професијата новинар. Освен тоа, нема законско решение за транспаретно отчетно трошење на јавните пари во медиумите.
Ова тешка состојба во медиумите може да се промени само со радикални мерки. Апелациониот суд треба сериозно да ја преиспита пресудата против новинарот Томислав Кежаровски, а Јавното обвинителство треба да го повлече обвинението за шпионажа за новинарот Зоран Божиновски.
Сите носители на јавни функции и политичари веднаш да ги повлечат сите тужби за навреда и клевета против новинари. Граѓанскиот суд во Скопје треба стриктно да ја примени праксата на Европскиот суд за човекови права кога одлучува за тужби на јавни личности против новинари.
Идната Влада веднаш да пристапи кон измени и дополнувања на медиумските закони за да се корегираат сите слабости во нив. Таа треба да прекине веднаш со рекламирање во медиумите додека не се донесе законско решение за транспарентно трошење на јавни пари во медиумите и врз основа на јасни критериуми.