Здружението на новинари на Македонија испрати писмо до Делегацијата на ЕУ во Скопје, дипломатските претставништва во Скопје и ОСЦЕ за случајот Кежаровски:
Во името на Здружението на новинарите на Македонија сакам да ја изразам нашата загриженост за приведувањето на новинарот на весникот Нова Македонија, Томислав Кежаровски, кој е притворен бидејќи е осомничен дека пред пет години напишал текст со кој го открил идентитетот на заштитен сведок, во случај поврзан со убиство.
За нас, уште е нејасно зошто судските органи покренаа постапка против новинарот Кежаровски, пет години откако ја објавил информацијата, кога евентуално можело да се предизвика штета на истрагата. Сега таква опасност не постои затоа што заштитениот сведок повеќе нема таков правен статус.
Ние ја спориме и мерката притвор против Кежаровски која има неколку нејасности. Во неа е наведено дека новинарот бил недостапен на мобилен телефон, дека тој имал четири мобилни телефони и дека не им се јавувал на мобилен телефон ниту на блиските пријатели.
Другото објаснување е дека Кежаровски како новинар можел да влијае и врз јавноста! Во одлуката не е прецизирано како Кежаровски може да влијае врз јавноста, дали доколку пишува за случајот „Ореше“, или за детали од истрагата. Доколку судот му забранува да пишува и го притвора по тој основ, тогаш тоа според нашето законодавство и Уставот е класична цензура . Во македонскиот закон за кривична постапка, во членот 191 се утврдени околностите под кои може да се изрече мерката притвор: опасност осомничениот да ја напушти земјата, да влијае на сведоците и да го повтори делото. Според досегашните сознанија со кои располагаме и консултациите што ги имавме со правни експерти, ниту еден од овие услови не е исполнет за да се оправда притворот против Кежаровски.
Се сомневаме дека основна причина заради која е притворен новинарот е да му се изврши притисок да го открие изворот на информацијата. Од одговорните на весникот каде работи тој, бевме информирани дека единствено барање на обвинителот во досегашната истрага било новинарот да го открие изворот и дека ќе биде пуштен на слобода. Според нашиот Устав и меѓународните документи, изворот на информациите е заштитен.
Друг елемент на загриженост е дека колегата неофицијално го поврзуваат со друга група на обвинети за организиран криминал, а притоа нема официјална информација за наводната негова улога во таа група. Стравуваме дека властите свесно го поврзуваат со таа група со цел тој да биде искористен како сведок против други обвинети.
Освен тоа, сметаме дека од аспект на етичкиот кодекс на новинарите, колегата постапил правилно кога ја објавил информацијата затоа што бранел легитимна цел, злоупотреба на заштитен сведок, во судска постапка за случај за убиство. Подоцна, заштитениот сведок јавно признал дека изјавата со која ги товарел осомничените како извршители на убиство, била изнудена од полицијата. Ако не ја објавеше информацијата новинарот, можело двајца граѓани да бидат осудени на долгогодишна робија во неразјаснети околности. Нашиот кодекс не обврзува да ги почитуваме законите на нашата држава, но исто така не обврзува да не криеме и да објавиме информација, која на било каков начин го загрозува јавниот интерес.
Ве повикаме да се заложите за да се разјаснат околностите околу притворот на нашиот колега и да се дознае кои се обвиненијата против него.