ЗНМ: ЕУ и САД да кажат дали ќе има медиумски реформи пред избори

Од:

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја поздравува заложбата на Европската Унија и на Соединетите американски држави, како олеснувачи во постигнувањето на договорот од Пржино и како гарантори на неговото спроведување, да продолжат да разговараат со политичките партии за реформи во медиумите, како еден од важните предуслови за одржување на фер и кредибилни избори.

ЗНМ ги поздравува и изјавите на Еврокомесарот Хан и Европратеникот Ховит кои бараат да се случат медиумските реформи пред предвремените парламентарни избори.

ЗНМ ги смета за објективни оценките на ЕУ и САД за слободата на медиумите во Македонија и очекува од Вашингтон и Брисел да инсистираат како и досега до македонската влада да обезбеди поволни услови за слободни и професионални медиуми.

Со жалење констатираме дека одговорите што ги добивме од ЕУ и САД а во врска со шпекулациите во јавноста дека меѓународната заедница ги жртвува медиумските реформи заради одлагање на датумот на изборите не беа јасни во целост. Останува неодговорено прашањето дали до петти јуни ќе има медиумски реформи за да се подобри известувањето на медиумите за време на изборната кампања и да се обезбеди еднакво медиумско покривање на сите партии.

Нема дилема дека најголемата одговорност за отсуството на реформи во медиумите паѓа врз македонските партии потписници на договорот од Пржино, меѓутоа, исто така, и ЕУ и САД, како гарантори имаат важна улога за целосното спроведување на договорот.

Новинарите и медиумите со формирањето на Советот на етика, во кое ЗНМ одигра клучна улога, демонстрираа зрелост да се соочат со нивната одговорност за поголема примена на професионалните стандарди. Но, ние никогаш немавме илузија дека саморегулацијата може да ги даде очекуваните резултати ако таква одговорност не покаже и владата, која треба да престане да се меша во работата на медиумите. Саморегулацијата не може да го реши насилството против новинарите, прислушувањето на новинарите, поткупувањето на медиумите со владини пропагандни кампањи и политизацијата и партизацијата на медиумскиот регулатор и на јавниот радиодифузен сервис, МРТ. За тоа се потребни сериозни реформи, кои ќе ги ослободат медиумите од притисокот на политиката и бизнисот.

ЗНМ ќе продолжи да работи за системски и одржливи реформи во медиумите согласно договорот од Пржино. Ќе ги искористиме сите демократски средства да ги убедиме потписниците и гаранторите на договорот да има промени на медиумското законодавство пред одржување на изборите.

За реформите за слободни и професионални медиуми ЗНМ побара поддршка од Меѓународната федерација на новинарите како и од други светски и европски граѓански организации што работат на заштитата и промоција на слободата на говорот и на медиумите, како што се Фридом Хаус, Репортери без граници, СЕЕМО и други.

За најновата состојба информирана е Високата претставничка на ОБСЕ за слободата на медиумите, Дуња Мијатовиќ, а во наредните денови ќе испратиме писмо и до Комесарот Јоханес Хан, до сите амбасади на земјите членки на ЕУ во Скопје како и до Американскиот Стејт департманот, во кое ќе бараме договорот од Пржино да се спроведе целосно пред изборите, соопштуваат од ЗНМ.

Би можело да ве интересира

ЗНМ: Попречувањето на новинарската работа е недозволиво

А1он

ЗНМ: Грубо прекршување на правата на новинарката Мирослава Симоновска: Повик за итна истрага

Чадиковски ги повика институциите да се најдат сторителите на запаленото возило на директорот и новинар на штипската Телевизија М НЕТ

ЗНМ: Запалено возилото на колегата Серсемов, бараме итна акција на МВР

Судскиот совет одлучи по претставката на ЗНМ: јавен укор за судијата Спировска Панева

ЗНМ: Нова контроверзна пресуда на Основниот граѓански суд Скопје