Здружението на новинарите на Македонија е крајно незадоволно од одговорот на Министерството на внатрешни работи за претставката на ЗНМ во врска со инцидентот со новинарите во Собранието на РМ кој се случи на 24.12.2012 г.
„Одговорите на МВР не се однесуваат на нашата претставка. Ние баравме да се утврди одговорност на наредбодавачите и извршителите на одлуката која е спротивна на Уставот и со која беа спречени новинарите да ги следат настаните во Собранието. Насилното исфрлување на новинарите без никаква правна основа од галеријата во Собранието е чин на цензура што е забрането со член 16 од Уставот на РМ. Потсетуваме дека согласно со член 70 од Уставот на РМ „Седниците на Собранието се јавни. Собранието може да одлучи да работи без присуство на јавноста со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“. Таква одлука не беше донесена“, стои во соопштението на ЗНМ.
За ЗНМ е несфатливо Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР да не утврди никаква одговорност за исфрлувањето на новинарите од собраниската галерија, иако за таа полициска постапка претходно изразија жалење Претседателот на Република Македонија, Претседателот на Собранието на РМ, Претседателот на Владата на РМ, Заменик претседателката на Владата на РМ.
„ Ако одлуката била во согласност со Уставот и законите и спроведена на соодветен начин, зошто тогаш државниот врв изразува жалење.За ЗНМ е неприфатливо работата на новинарите на било каков начин да се поврзува со случувањата во салата за седници и пред Собранието на РМ. Новинарите таму беа испратени од своите редакции да ги следат настаните и да известуваат за нив. Со исфрлувањето од галеријата, без никакво објаснување од страна на собраниското обезбедување, новинарите беа спречени да ја извршуваат својата работа, а на јавноста и беше оневозможено правото објективно и навремено да биде информирана.
ЗНМ очекува државните институции да смогнат сили да го расветлат случајот. Се додека тоа не се случи ЗНМ останува на одлуката за прекинување на разговорите со Владата“, реагира ЗНМ.