ЗНМ бара да престанат нападите врз новинарите, најавен протестен марш

Од:

Здружението на новинари на Македонија бара да се санкционираат нападите врз новинарите и медиумските работници и сторителите да се изведат пред лицето на правдата. Од извршната власт се бара креирање на безбедна средина за да можат новинарите слободно и независно да ја вршат својата работа.

На редовното неизборно собрание што се одржа викендот, претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски ја презентираше Декларацијата за престанок на неказнивоста на нападите и заканите кон новинарите и медиумските работници во која се повикуваат институциите, политичките партии и деловните субјекти да ја почитуваат слободата на изразување на новинарите и медиумските слободи, согласно уставните, правните и меѓународните правни норми и стандарди.

– Во случаите кога се напаѓани новинари, нема речиси ниту еден решен случај, а државата потфрли и во случајот со 27 април. Десетици колеги беа брутално атакувани, а институциите не само што не поведоа ниту една постапка, туку се дрзнаа преку државното правобранителство да се обидат да ја одбијат тужбата на нашите колеги, рече Чадиковски.

Најави протестен марш доколку продолжат двојните аршини, односно да се реагира секогаш кога се нападнати политичари, но не и кога се нападнати новинари.

Претседателот на ЗНМ најави и дека преку засилена активност ќе се обиде да ги деблокира реформите во медиумите и ќе се инсистира на избирање на квалитетни кадри за Програмскиот совет на МРТ и Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Како една од важните активности реализирани во 2019 година, Чадиковски го издвои креирањето на Регистарот на професионални онлајн медиуми (Promedia.mk).

– Ова е процес кој мора да прдоолжи. Следно на што работиме е создавање на новинарски кодекс за онлајн медиуми што ќе биде паралален процес на обновата на актуелниот Кодекс на новинарите на Македонија, рече Чадиковски.

На собранието беше презентирана и Стратегијата за работа на ЗНМ за периодот 2019-2022 и Наративниот извештај и Финансискиот извештај за работата за 2019 година.

Во Статутот на ЗНМ беа усвоени неколку решенија кои го регулираат статусот на придружните членови и условите под кои тие може да се зачленат. На барање на комисијата за членство беше продолжен рокот по кој таа може да одлучува за примање на нови членови во Здружението, односно наместо три, сега рокот ќе биде седум дена со цел да се овозможи подетален преглед на комисијата на секој новопријавен член. Беше усвоена и одлука која ќе се допрецизира во наредниот период, која предвидува исклучување на членови од Здружението поради флагрантно кршење на етичкиот кодекс.

Би можело да ве интересира

ЗНМ: Oсуда за нападот кон колегата Фуркан Салиу од страна на извршителката Весна Јакимовска

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

Орце Костов

ЗНМ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје: Соработка за унапредување на новинарството

ЗНМ И УНДП ги доделија наградите за новинарски стории за 2023 поврзани со загадувањето на воздухот во земјава

Одговор од Собранието на реакцијата на ЗНМ во врска со вчерашната седница за избор на техничка влада

ЗНМ: Реакција до Претседателот на Собранието за вчерашниот непринципиелен третман кон странски новинари на сметка на домашните