Вчера победи демократијата во Македонија. Овие избори му го зададоа решавачкиот удар на режимот, иако некои се’ уште посакуваат тоа да не е така.
Еве зошто го велам ова. ВМРО ДПМНЕ и ДУИ нема да можат да формираат стабилна влада, каква и да биде конечната распределба на мандатите. ДУИ мора да разбере дека ризикува да се распадне доколку прифати уште една коалиција со Груевски. Пораката од албанските гласачи на овие избори е јасна: тие се и против Ахмети и против Груевски. Им честитам на храброста и свеста која ја покажаа на овие избори.
Второ, ништо помалку важно. СЈО, повеќе од сигурно, ќе продолжи со својата работа. ВМРО-ДПМНЕ веќе не е во позиција ништо да менува, уште помалку да укинува. Следува период на конечен расплет и правна разрешница, нешто за што сите се боревме. Преговарачката моќ на опозицијата во претстојниот период ќе биде огромна и очекувам позитивен исход од преговорите.
За крај, сакам да им упатам огромна благодарност на грѓаните од Центар. Драги сограѓани, вие одржавте лекција по демократија и на овие избори.
Огромни 8.500 гласа е разликата во Центар во корист на опозицијата. Ова е најдобриот резултат во понова историја и јас сум пресреќен за тоа. Покажавте зрелост и одлучност на највисоко ниво.
Овој резултат е голема одговорност за опозицијата и за мене како градоначалник да не ја изневериме вашата доверба. Ве уверувам дека ќе продолжиме да работиме посветено и во ваш најдобар интерес, затоа што сакаме да ја оправдаме довербата.