Владата вчера го усвои Предлог законот за јавно обвинителство (ЈО) за кој е постигнат широк политички договор.
Усвојувањето на овој закон ќе биде голем придонес за нашата европска интеграција и уште еден дополнителен аргумент за Европската Унија да донесе позитивна одлука поврзана со започнувањето на пристапните преговори со нашата земја, порача заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски во воведното обраќање на конференција „Превентивни мерки и спроведување на законот:
градење отпорност кон корупција во Југоисточна Европа“ што денеска беше организирана во Скопје во рамките на албанското Претседателство на ОБСЕ за 2020 година.
Особено важно за сите наши граѓани е што законот ги предвидува потребните услови за владеење на правото во нашата земја и креира атмосфера за враќање на довербата на јавноста во правната држава, рече Жерновски.
Тој изрази благодарност за долгогодишната плодна соработка со ОБСЕ и нејзината Мисија во Скопје, за вредната поддршка и помош понудена со цел да им помогне на националните напори за зајакнување на меѓуетничките односи, владеење на правото, судството, изборното законодавство, полициските реформи и процесот на децентрализација.
Ова е важно не само за процесот на интеграција во ЕУ, туку пред сè и за граѓаните на нашата земја, нејзината стабилност и просперитет, истакна Жерновски