Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, одговарајќи на новинарски прашања за изјавата на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, во која го повикува Жерновски да престане со политиканство и да пријави кој му нудел мито, одговори дека оваа кампања против него ќе трае 4 години бидејќи власта не може да прежали што го загуби Центар.
„Не можам да ја разберам нивната опсесија со Центар“, рече градоначалникот Жерновски.
Посочи дека министерката Јанкуловска пред да поставува прашања треба да одговори кој е наредбодавач и извршител на проектот „Пустец“.
Жерновски бараше средба со министерката на која треба да одговори, кој дозволи во исти ден да се издадат лични карти на жители на Пустец и кој ги смести овие луѓе, по 60-тина на иста адреса , а некои и во станови на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. За ова досега Јанкуловска молчи.
Потоа, вели Жерновски, ќе можеме да разговараме. А колку за „принципиелноста“ на власта, посочи на случај од 2007 година, кога српски милијардер бараше премиерот Никола Груевски да каже кој му нудел мито од 3 милиони евра, како што изјавил.
„Компанијата „Делта“ бараше од Груевски да го посочи изворот и посредникот. Од тогаш поминаа 6 години, а Груевски молчи. Кога Груевски и Јанкуловски ќе дадат одговор, можеме да седнеме и да разговараме“, изјави Жерновски.
Ревизија за работењето на општина Центар во претходниот мандат, ќе има и тоа скоро. Јавноста ќе знае кој ќе ја изврши.
„Јас добив мандат од граѓаните на Центар да расчистам со урбаната мафија, и никој и ништо нема да ме поколеба во тоа“, дециден е Жерновски.
Во врска со вчерашниот напад од Јанкуловска за уривање на споменици на бранители и борци, градоначалникот на Центар одговори дека никогаш не кажал дека ќе урива. Граѓаните ќе се изјаснат дали на некои од спомениците им е тука местото. Најсериозна опција за изјаснување е Референдум, посочи Жерновски.
Темјана Поповска