Жерновски: По десет години, доста е!

Од:

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски на Фејсбук напиша:

Мегаломанството и грандиозните споменици се одлика на секој автократ.

“Ние градиме!”; “Ние имаме проекти!”- беа главните пораки во десетгодишното владеење на, сега веќе, заминатиот Никола Груевски. Токму со тие две пораки се труеше народот, кој пак, неуспесите на Груевски, најчесто ги оправдуваше со: „Добро, не е баш најдобро, но барем нешто се гради!“.

Последниот најавен „мега проект“, и тоа како проект за младите, е новиот амфитеатар во Стоби.

Оваа идеја, несомнено, ја собрал од проектот „На Македонија и треба твојата идеја“. Па така, на некој му текнало дека таму треба да има голем амфитеатaр. Груевски тоа го препознал како одлична идеја за нова градба и… за нов тендер.

Но, болна е вистината која се крие зад градењето. Градежната стратегија на заминатиот “водач”, во суштина, има две цели. Првата е, преку дебели провизии, да собира огромен капитал и народни пари, со кои ќе се одржува на власт. И втората, онаа подмолната и уште пострашната, е да го прикрие рушењето на сите државни институции. Додека се градат нови факултети, се руши образованиот систем. Додека се набавува нова опрема во здравството, се срамнува со земја здравствениот систем, кој е најлош во Европа. Додека им се градат фабриките на странските инвеститори, и тоа, буквално, со наши пари, се руши квалитетот на животот и достоинството на граѓаните. Додека се градат барокни административни згради, администрацијата се збогатува со нови 100.000 вработени! Низата, продолжете ја сами…
По десет години, доста е !!!

На Македонија и’ треба нов пат. Ни треба стратегија со која ќе се изградат повторно институциите. Ни требаат реформи за квалитетни државни услуги, а не проекти за неквалитетни барокни згради. Ни требаат реформи со кои, суштински, ќе го подигнеме квалитетот на животот, а не проекти за подигање на непотребни споменици. Ни требаат политичари кои повторно ќе изградат здрави меѓучовечки односи, а нe такви кои го рушат соживотот во нашата земја. Ни треба праведно општество со еднакви можности, а не приватна држава на една фамилија. За сето тоа да се случи, прво треба да го демонтираме овој гнил систем, кој десет години ја уназадува Македонија!

Промените се пред нас, се ближат. Го сакале тоа некои или не.

Би можело да ве интересира

Прва работилница во Општина Центар од кампањата на „Макпетрол“ против врсничкото насилство

„Шанса за Центар“: Шверцерски вметнати нови објекти во ДУП-от за Стара железничка станица

Горан Наумовски

Утре во Скопје ќе има протест и марш, МВР со посебен сообраќаен режим

Горан Наумовски

Општина Центар затвори нелегално градилиште на булеварот „Никола Карев“

Заедно со Жерновски уште 14-мина земаат плата за непочнатиот клинички центар

„Шанса за Центар“ предупредува: Повторно со техничка исправка на план ќе се гласаат два ката плус спроти стара Градска болница

Маја Илиевска-Пачемска