Жерновски на средби со Белата куќа, Конгресот и Атлантскиот совет на САД

Од:

Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, вчера на првиот ден од работната посета на Вашингтон, имаше средби во Белата куќа, во Конгресот, и во Атлансткиот совет на САД. Во Стејт департментот присуствуваше на прием за шефовите на делегации во чест на отворањето на Министерската конференција за унапредување на верски слободи, чиј домаќин е државниот секретар на САД, Мајкл Помпео, соопшти македонското МНР.

На средбите, Жерновски ги запозна соговорниците со најновите случувања во Република Македонија на внатрешен и на надворешно-политички план и информираше за клучните активности на Владата на РМ во изминатата година, кои резултираа со одблокирање на патот за европското и евро-атлантското интегрирање на земјата.

Жерновски имаше одделни средби со членовите на Групата за пријателство со Република Македонија во Конгресот на САД, конгресмените Пол Мичел и Дејв Трот, републиканци од Мичиген и Брендон Бојл, демократ од Пенсилванија. Заменик министерот се заблагодари за личната и силна поддршка на конгресмените, и повика на натамошно засилување на сојузништвото во интерес на двете земји, на НАТО и на регионот. Жерновски побара натамошна активна поддршка од Конгресот во претстојниот период, во насока на брзо финализирање на процесот на зачленување на РМ во НАТО.

Конгресмените ја поздравија Спогодбата меѓу Република Македонија и Грција, како и Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, оценувајќи ги како одлучни и храбри потези кои се значајни не само за земјата, туку и за целиот регион и претставуваат инспирација и модел за градење на добрососедските односи. Упатија силна поддршка за имплементација на Спогодбата со Грција, како предуслов за што поскоро зачленување на РМ во НАТО и ЕУ. Конгресмените ја нагласија важноста на претстојниот референдум, истакнувајќи дека очекуваат активно учество на граѓаните на Република Македонија. Притоа, навестија натамошен ангажман во правец на обезбедување силна поддршка на Конгресот на САД за приоритетите на Република Македонија.

На средбата во Белата куќа со заменик-советникот за национална безбедност на претседателот на САД, Мира Рикардел, беше реафирмирана силната и недвосмислена поддршка на американската администрација на постигнатиот договор за решавање на спорот за името. Рикардел нагласи дека САД високо го ценат овој историски успех за кој се потребни храбро лидерство и одлучност, при што изрази очекување за позитивен исход во процесот на имплементација кај двете страни, што ќе овозможи заокружување на членството на РМ во НАТО и ЕУ.

Жерновски оствари средба и со потпретседателот на Атлантскиот совет, Дејмон Вилсон и со експерти од Советот. Соговорниците разменија мислења за актуелностите во Република Македонија и регионот, предностите и предизвиците на патот кон евро-атлантското интегрирање. Членовите на Атлантскиот совет изразија силна поддршка за постигнатиот договор за решавање на спорот околу името, заокружување на процесот со претстојниот референдум и изразија надеж за негово брзо и ефикасно спроведување. Потенцираа дека е исклучително важно сите општествени чинители, власта и опозицијата, граѓанската и академската јавност, заеднички да ја препознаат значајноста на моментот и заедно да го понесат товарот на овој генерациски предизвик.

Работната посета на Жерновски продолжува со средби во Стејт департментот и во УСАИД, се вели во соопштението од МНР.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија