Жените од Шуто Оризари од Тодоров бараат матичен гинеколог и ефикасни мерки

Од:

Жените Ромки, утрово, со протестен перформанс го искажаа својот револт бидејќи Министерството за здравство и покрај ветувањата, не успеа да обезбеди матичен гинеколог во населбата Шуто Оризари каде живеат околу 8000 жени во репродуктивен период.

„По серијата наши барања и средби со институциите, како и низата ветувања добиени од страна на ресорното Министерство за здравство, ве информираме дека  жените во Шуто Оризари, сепак не добија матичен гинеколог. Времените мерки, воведени во 2014, а ревидирани во ноември 2015 според кои беше предвидено гинеколог да доаѓа еднаш неделно, а од неодамна три пати, се покажаа како неефективни и незадоволителни.

Предизвиците со кои се соочуваат жените во репродуктивен период од општината се огромни. Непостоењето на матичен гинеколог повлекува и лоша здравствена заштита, немање пристап до редовни, навремени и неопходни прегледи и услуги, сериозно го ставаат под ризик здравјето на жените, но и на мајките и бебињата. Затоа бараме одговори, но и одговорност и мерки имплементирани во пракса, од Министерот за здравство, но и градоначалникот на општина Шуто Оризари. Отворено прашуваме:

  • Кои се следните чекори и што ќе се преземе доколку не се пријави матичен гинеколог до крај на јануари и покрај најавената финансиска стимулација?
  • Кога општината ќе го исполни своето ветување да учествува со финансиски средства со цел дополнително да стимулира отворање на ординација на матичен гинеколог во Шуто Оризари?
  • Како ќе се реши проблемот со недоволниот број на патронажни сестри кои требаше да ги посетат жените Ромки барем двапати во текот на бременоста, кога резултатите од терен покажуваат дека само 5,6% ја добиле оваа услуга, и тоа само еднаш?
  • Кои се механизмите и на кој начин ќе се обезбеди реализацијата на бесплатни гинеколошки и микробиолошки прегледи, како и бесплатно породување, без разлика на имањето здравствено осигурување, за бремените жени?

Конечно прашуваме: Што ќе направи министерот за 2016 година за сите најавени мерки од хартија и од прес да ги добиеме и во реалноста? Многу ветувања, сè уште никаков ефект!

Жените чекаат, Шуто Оризари е сè уште без матичен гинеколог“, се вели во соопштението на Иницијативата на жени од Шуто Оризари.

По протестниот перформанс на Иницијативата на жени од општина Шуто Оризари, со рекација се јави Министерството за здравство кое тврди дека Министерството ги реализирало сите ветувања кои произлегле од состанокот на министерот Тодоров со претставниците на Иницијативата.

„Ветивме дека ќе овозможиме субвенција за матичен гинеколог во Шуто Оризари, со цел поттикнување интерес, и тоа го реализиравме. Во објавениот оглас е наведено дека за избраниот матичен гинеколог е предвидена дополнителна финансиска стимулација од 15.000 денари месечно за период од две години, обезбедена од страна на Министерството за здравство од превентивните програми.

На објавениот оглас за матичен гинеколог во општина Шуто Оризари се уште не се пријави заинтересиран кандидат, но и понатаму, како и досега, Министерството за здравство ќе вложува напори за обезбедување матичен гинеколог за жените од оваа општина. Во таа насока, на состанокот со претставници на Иницијативата на жени од Шуто Оризари беше потенцирано дека Министерството за здравство ќе ги исполни сите предуслови за ангажирање матичен гинеколог во Шуто Оризари, а на докторите останува да се пријават на објавениот оглас. Министерството за здравство вети дека ќе ги исполни сите предуслови и ги исполни сите предуслови, но не може да вети дека со сигурност некој доктор-гинеколог ќе се пријави на огласот, бидејќи тоа е надвор од надлежноста и делокругот на Министерството. На состанокот беше јасно потенцирано од страна на министерот Тодоров дека не можеме со сигурност да ветиме дека ќе се пријави лекар на огласот, но ќе дадеме субвенција и ќе го објавуваме огласот се додека не се пријави кандидат.“, стои во реакцијата на Министерството за здравство.

Би можело да ве интересира

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада