Зголемување на капитацискиот бод и за матичните лекари

Од:

Од 1 јули 2016 година за пет денари ќе се зголеми капитацискиот бод на матичните лекари, односно од 50 на 55 денари. Со ова зголемување ќе бидат опфатени 1.085 приватни здравствени установи со вкупно 1.527 тимови.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Никола Тодоров на заедничка прес-конференција со директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани. Тодоров потсети на вчерашното објавување на мерката со која од 1 јануари ќе се зголеми капитацијата за стоматолозите за пет денари односно од 35 на 40 денари.

– Последното зголемување на капитацијата во делот на матичните лекари беше во 2011 година. Вкупно со вчерашното и денешното зголемување на капитацијата на стоматолозите и матичните лекари се опфатени над 2.800 лекари, посочи Тодоров.

Нагласи дека откако е формирана мрежата на здравствени установи, доделени се вкупно 245 нови лиценци за општа медицина и дополнителни 344 места во мрежата се слободни.

Овозможивме, појасни министерот, значаен бенефит со измените на Законот за здравствена заштита со кои при доделување на лиценца за здравствени установи во кои работат избрани лекари не се спроведува постапка за доделување лиценца односно Министерството за здравство врз основа на барање за доделување лиценца склучува договор доколку има простор во мрежата на здравствени установи.

– Во насока на подобрување и унапредување на статусот на матичните лекари по општа медицина со најновите измени на Законот за здравствена заштита кои се во собраниска процедура овозможуваме избраниот лекар или нововработениот лекар да може самостојно да укажува здравствена заштита без учество на медицинска сестра во тимот до моментот додека не достигне бројка од 700 пациенти, но не подолго од 18 месеци, после што е должен да го комплетира тимот, рече Тодоров.

Додаде дека на овој начин прават сериозно олеснување на младите лекари да можат да почнат како матични лекари односно да се самовработат и да почнат да даваат здравствени услуги на пациентите.

Стефаноски рече дека примарната здравствена заштита е првиот контакт на пациентот со здравствениот систем и има посебно значење како „капија“, за целокупното лекување и следење на здравствена состојба на пациентот. Кај матичниот лекар, потенцира, секој осигуреник треба да добие квалитетна здравствена услуга, согледување на ризиците и рано откривање на определените заболувања што е од огромно значење за превенцијата и навременото лекување.

Би можело да ве интересира

Медицинско лице фатено како прима поткуп, Министерството за здравство бара истрага и ги повикува граѓаните да пријавуваат вакви случаи

Владата одвои многу пари за модернизација на нашето здравство, вели министерот Азир Алиу

Министерот Кенеди отпушта 10.000 луѓе во здравството

ВЛЕН: Здравството во нашата земја е разбудено од „клиничката смрт“

Интервју со проф. д-р Светозар Антовиќ: Првиот симпозиум на MAAS ќе биде историски настан за нашата хируршка заедница

Таравари признава дека има мито во здравството, повика граѓаните да пријавуваат

Катерина Ѓуровски