Зголемен бројот на пожари во Струга и Струшко

Од:

Изминатиот месец струшката пожарна интервенирала 88 пати, што е речиси седум пати повеќе во однос на истиот месец, претходната година кога биле извршени 14 интервенции.

Заменик командирот на територијалната против пожарна единица во Струга Ристе Талевски информира дека зголемување на интервенциите имало и во април, односно за половина месец, до вчера регистрирани биле 15 пожари, додека во април 2018 година имало вкупно 17 интервенции.

Во јануари годинава имало 13, а во февруари 49 интервенции, додека лани во овие месеци струшките пожарникари интервенирале 17, односно 12 пати.

– Најчесто интервенираме на отворен простор. Само во март годинава имаме 74 интервенции на отворен простор од кои 15 до 20 пати на запалени трски, а останатото беше на запалени стрништа, додека седум пати беше интервенирано на опожарени објекти, изјави Талевски за МИА.

Според него, вакви случаи имало и изминатите години, но не во толкав број.

– Од предизвикан пожар на отворен простор опожарени се три штали и една куќа. Предизвикана е голема материјална штета, но за среќа нема човечки жртви. Според искуствата и фактите што можеме да ги затекнеме на терен причина за пожарите е човечкиот фактор, истакна Талевски.

Заменик командирот нема точни информации за расчистени случаи на подметнати пожари, но потврди дека се поднесени пет кривични пријави за повеќе сторители за палење на трските на Охридското крајбрежје, од кои една пријава има и за инспектор.

Струшката пожарна, како што нагласи, е подготвена да одговори на сите предизвици што ќе настанат на територија на општина Струга. Располага со 31 пожарникар и шест возила од кои четири камиони и две теренски возила, но согласно законските нормативи и недостасуваат 10-тина пожарникари, а добредојдена е и секоја набавка на возила и обновување на возниот парк.

– Се надеваме дека нема да имаме година со мнгоу пожари и дека навремено ќе одговориме на сите предизвици што не очекуваат. Граѓаните, земјоделците и сточарите да не ги опожаруваат нивите, бидејќи временските услови, ветерот и други фактори може да придонесат огнот да излезе од контрола и да се предизвика голема материјална штета, но и да се одземат човечки животи, подвлече Талевски.

Тој упати апел и до учесниците во сообраќајот да ги пропуштаат возилата со првенство на минување со вклучени ротациони светла и сирени, бидејќи, како што рече, секоја секунда за нив е значајна и од тоа може да зависи нечиј живот.

Во 2018 година ТППЕ Струга извршила вкупно 358 интервенции од кои најоголем дел се во август и во септември.

Би можело да ве интересира

Пламнал пожар во празен автобус на ЈСП

Старец изгоре во пожар во селото Стримница

Катерина Ѓуровски

Изгоре куќа во Куманово, нема повредени

Пронајдени се две тела во запалена куќа во скопското село Морани

Горан Наумовски

Активен е пожарот на планината Беласица меѓу селата Смоларе и Мокрино

Пожар во скопската населба Бутел 1, се запали кровна конструкција на барака