Република Македонија направи многу кога станува збор за справувањето со предизвиците наметнати со бегалската криза, дури и многу повеќе отколку некои држави членки на Европската унија. Тоа го истакна претседателот на Чешката Република Милош Земан пред медиумите денеска во Охрид, после средбата со неговиот домаќин, претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов.
– Тука сум во Македонија за да ја изразам почитта и личното признание за начинот на кој македонскиот народ се справи мигрантската криза, притоа бранејќи ја не само својата, туку и границата на Европа. Нашиот став е дека Република Македонија покажа далеку поголема одважност од некои од државите членки на ЕУ и НАТО и оттаму сакам да ја изразам потполната поддршка на Република Македонија за нејзина целосна евроатлантска интеграција, истакна Земан.
Претседателот Иванов од своја страна ја истакна потребата од глобален и координиран ангажман и засилена соработка меѓу државите при справувањето со сите новонастанати предизвици, особено на безбедносните ризици и закани, притоа изразувајќи благодарност до претседателот Земан за целокупната поддршка што Чешката Република ја дава на Македонија во справувањето со бегалската криза – со присуството на чешки полицајци, како и со помошта во опрема за контрола на границата.
Што се однесува на македонските стгратешки цели – зачленувањето во ЕУ и НАТО, во разговорот со чешкиот гостин Иванов ја нагласил потребата од заживување на процесот на проширување на двете организации. Негова забелешка е дека интегрирањето на целиот регион во ЕУ и НАТО е од суштинско значење за регионалниот мир и стабилност, и најсоодветен одговор на сите предизвици како миграцијата и безбедноста, а воедно ќе придонесе и за зајакнување на демократските институции и економски развој.
– Сведоци сме дека статус-кво состојбата не донесе ништо добро. Напротив, блокирањето на европската и евроатлантската иднина придонесе и кон блокирање на политиките процеси и внатрешна стагнација во Македонија, рече Иванов, притоа изразувајќи уверување дека Чешката Република како докажан и принципиелен пријател и партнер ќе продолжи да ја поддржува Македонија во остварувањето на нејзините стратешки цели.
Претседателот Иванов на Милош Земан во Охрид му го врачи највисокото државно одликување на Република Македонија, Орденот „8 Септември“, како израз на благодарност до него лично, но и и до чешкиот народ и држава и до сите претходни чешки лидери за сета досегашна поддршка и помош.
Посетата на високата чешка делегација продолжува и утре со Македонско-чешкиот бизнис форум, како можност за остварување контакти на стопанственици на двете држави, во насока на интензивирање и унапредување на економската соработка за која обострана оценка дека не е на нивото на условите и постојниот потенцијал.