Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија – ЗЕЛС денеска ќе го промовира Акцискиот план за развој на нови политики и промоција на локални иницијативи во справувањето со климатските промени 2012 – 2015.
Јакнење на локалните капацитети за исполнување на обврските од Законот за заштита на животната средина, Законот за енергетика, Стратегија за употреба на обновливи извори до 2020, анализа на правната рамка и лобирање за нејзино подобрување, создавање услови за воспоставување на компании за енергетски услуги (ЕСКО), подобрување на енергетска ефикасност на објектите во јавните установи, поддршка за формирање на јавно-приватни партнерства, како алтернативна форма на финансирање и стопанисување со јавните објекти, се дел од активностите предвидени во Акцискиот план на ЗЕЛС.
Овој Акциски план ќе претставува рамка, која дефинира решенија и активности што ЗЕЛС и општините во Република Македонија ќе ги преземат со цел да го зголемат нивниот капацитет за да се справат со ризиците и влијанијата од климатските промени и да го зголемат капацитетот за енергетски менаџмент. Активностите се насочени во два правци – справување со климатски промени и зголемување на енергетска ефикасност.
Документот е резултат на соработката на ЗЕЛС и НАЛАС, базирана на Програмата на Регионалниот Центар (BRC) на UNDP во Братислава, TDGL (Размислувај глобално, развивај локално).
Предвидено е на промоцијата да присуствуваат претставници од општините, членови на двете мрежи во ЗЕЛС – за енергетска ефикасност и за животна средина.