Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. најавува дека денеска ќе протестираат пред куќата и фирмата на човекот кој што вчера ладнокрвно уби куче со секира во центарот на Скопје.
„Денес во 13 ч. ние, револтираните граѓани, се собираме на протест пред куќата и фирмата на монструмот кој вчера сред бел ден ладнокрвно уби мирно улично куче со секира.
На настанот биле сведоци сите кои се нашле во моментот во преполниот Радио Бар во Дебар Маало. Никој немал време да реагира затоа што монструмот без да прави никаква бука се приближил до кучето кое спиело на плочникот и го убил со секирата, а потоа го дотепал со големото дебело дрво што го носел во другата рака.
Луѓето кои седеле во кафулето само слушнале тивко цвилење и првпат сфатиле што се случува дури откако го виделе монструмот како заминува накај својот дом со секирата од која капела крв. Притрчале кај кучето, кое, според нивните кажувања, десет минути се борело за живот и испуштало душа, заклано, на сред улица, во современа, демократска Македонија, во 21 век.
Кучето се викало Идриз, било локален миленик кој бил уредно вакциниран и третиран со соодветна книшка од ветеринар. Идриз чекал да биде вдомен затоа што монструмот пред само една седмица го тепал на истата таа улица со метална шипка и се заканувал дека ќе го убие. И вчера, си го одржа ветувањето.
Има видео од монструмот како откако го убил Идриз најладнокрвно им објаснува на сведоците дека немал избор и морал да го убие. Монструмот им е познат на соседите и луѓе кои живеат во околината сведочат како тој, неговиот брат и татко му веќе дваесет години трујат, тепаат и убиваат бездомни животни.
Според сведочењето на една девојка на настанот, таткото на монструмот го исклоцал крвнички нејзиното куче еднаш додека таа го шетала својот домашен миленик со мајка си. Причината? Кучето извршило мала нужда на улицата.
Бараме најстрога казна за злосторникот, тој ќе биде гонет по повеќе основи. Тоа е садист и психопат кој веќе го години извршува вакви и слични кривични дела. Перверзните садисти како него се опасност по безбедноста на секого од нас и ние мора да го исечеме во корен таквото девијантно однесување затоа што тој денес уби куче, но утре ќе убие и човек“ се вели во соопштението на Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.