Здравство демантира: Брза помош не се приватизира туку се озаконуваат приватниците кои и сега ја нудат истата услуга

Од:

Со предложените измени на Законот за здравствена заштита се дозволува услуги за итна медицинска помош и домашна посета да даваат и приватните здравствени установи. Од Министерството за здравство и покрај многубројните забелешки дека ова е чекор за приватизирање на Брзата помош, услуга која според постојниот Закон може да ја даваат само јавни здравствени установи, тврдат дека не станува збор за приватизирање на услугата.

„Во постојниот Закон пишува дека Итна медицинска помош, Итна стоматолошка помош и домашна посета може да даваат само јавно здравствените установи, а има граѓани коишто повикуваат и плаќаат медицинска помош од приватните установи, а тоа никаде не е регулирано во закон. Со измените на Законот за здравствена заштита се става законска рамка на тоа што се случува“, велат од Министерството за здравство.

Од таму уверуваат дека предложените измени нема да предизвикаат дополнителни трошоци за пациентите кои ќе повикаат Брза помош од јавните здравствени институции. Измените се само за приватниците.

„Оние пациенти кои по сопствена волја ги повикуваат постоечките приватни установи коишто имаат медицинска помош и плаќаат за таа услуга, сето тоа сега ќе влезе во законска рамка“, објаснуваат од Министерството за здравство.

Со измените се регулира и дополнителната дејност на лекарите од јавно и од приватно здравство, а делот за трошоци, во предлог – законот стои дека здравствено осигурените пациенти кои ќе користат услуга од лекар кој врши дополнителна дејност ќе треба да платат и надоместок за тимот за дополнителна дејност, покрај партиципацијата која и сега ја плаќаат, но од Министерството сепак тврдат дека нема да има дополнителни трошоци.

„Со новите законски измени нема никаква разлика за пацинетите, ниту пак дополнителни трошоци за нив. Како што и досега е регулирана дополнителна дејност, во однос на  пацинетите и нејзиното плаќање,  така ќе биде и во новиот закон“, велат од Министерството.

Министерот за здравство Венко Филипче за следната недела најави јавна дебата во Собранието за предложените измени откако обара да се донесат во скратена постапка.

Токму поради сомневањата дека овие измени се чекор кон приватизација на Брзата помош, Левица вчера со 1200 амандмани го блокираше законот, побара јавна расправа и негово итно повлекување од собраниска процедура.

Министерството со вие измени првично предвиде и земање и пресадување делови од човековото тело заради лекување да може да вршат и приватни здравствени установи, но пред предлогот да стигне во Собрание го повлече овој дел.

Би можело да ве интересира

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада

Скопјани имаат најголеми, а жителите на Крушево најмали можности за здравствена заштита

Катерина Ѓуровски

Вработувањата на 1.117 лица во здравството не се предизборни, тие веќе работат по клиниките, тврди Ковачевски

Орце Костов

Нови 22 коли за итната медицинска помош и вработувања, најавува министерот за здравство Меџити