Здравев: Во оваа фаза од постапката не може да се повлече кандидатурата за член на Судскиот совет

Од:

Во оваа фаза од постапката кога наша комисија ја утврди ранг листата и работата ја презеде Комисијата за спроведување на избори не може да се повлече кандидатурата за член на Судскиот совет, порача денеска претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев.

-Немаме надлежности да испитаме зошто ја повлекол кандидатурата. Комисијата за спроведување на избори на член на Судски совет не е комисија на Судскиот совет, туку во неа претседателот и еден член се избираат од Здружението на судиите, а другиот член од невладини организации. Тие понатаму одлучуваат како да ја спроведат целата постапка, меѓудругото тие треба да одговорат на барањето за повлекување на кандидатурата. Мое лично мислење е дека во оваа фаза од постапката не може да се повлече кандидатурата за член на Судскиот совет, рече Здравев во одговор на новинарско прашање на паузата од промоцијата на иницијативата „Отворено судство“ која е дел од програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Северна Македонија“ и промоцијата на анализата „Отвореност на судството во Северна Македонија“.

Тој нагласи дека во понеделникот бил известен дека кандидатот ја повлекол кандидатурата, а тој ден, како што кажа, се делеле материјалите по избирачките одбори.

-Доколку тој кандидат победи за нас тој официјално ќе биде член на Судски совет, освен ако не си поднесе оставка, па да ја повториме постапката. Тоа е тешко, бидејќи ќе треба да се повтори целата постапка, до толку повеќе што на постоечкиот член на Советот, Шемседин Јусуфи му истекува мандатот и практично за цело време на траење на постапката ќе останеме без уште еден член, потенцира Здравев.

Во врска со предметите кои биле најдени во фиоката на разрешениот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски, Здравев рече дека на странките во тие предмети им се повредени правата на итно постапување, односно постапување во согласност со принципот за судење во разумен рок и додаде дека в.д. претседателот на Врховниот суд Фаик Арслани треба да каже дали предметите се задржани основано или не.

-Добивме информација од в.д. претседателот на Врховниот суд дека се пронајдени предмети и дека ги има распределено на седница на Оддел за кривични дела кај судиите кои работат во тој оддел. Паралелно и ние ќе преземеме чекори. Тоа веќе го пуштивме во процедура, но ние не можеме да преземаме конкретни мерки. Затоа истовремено ја известивме Антикорупциската комисија и Јавниот обвинител, бидејќи сметаме дека Антикорупциска можеби ќе најде нешто што е во нејзина надлежност, рече Здравев.

Очекуваме, потенцира, прво тоа да го направи в.д. претсетдателот на Врховниот суд, како што е редот, но доклку не го стори ќе преземеме конкретни мерки за поднесување на барање за утврдување на одговорност за поранешниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Интервју со Огненовски: Треба да имаме доживотни и смртни казни за сите што ја пљачкаат Македонија, да се конфискува се што е нелегално стекнато од 1991 година наваму

Судски совет донесе заклучок за продолжување на постапката за избор на двајца членови на Советот

Судски совет донесе одлука за пензионирање на двајца судии

Судски совет ги оспори пред Уставен суд законските измени со кои се стопираше зголемувањето на платите на судиите

Судски совет: Со интервенција во законот директно се влијае врз нормалното функционирање на судовите

Ѓорѓи Андонов и Тодор Поп Панев избрани за судии во Апелациониот суд Штип