Завршува учебната 2019/2020 од која една третина беше онлајн

Од:

За 270 илјади средношколци и основци, меѓу кои и околу 19 илјади првачиња, денеска завршува учебната 2019/2020 година, првпат во вонредни околности и надвор од училишните клупи кои останаа празни од 11 март поради опасност од ширење на заразата со коронавирусот.

Првото полугодие го одбележаа „есенските“ преговори на синдикатот СОНК со Министерството за образование и наука за повисоки плати и предупредувачките најави за штрајк, што резултираше со договор постигнат во ноември, а наставниците од јануари годинава ги добија бараните дополнителни 10 отсто.

Но второто полугодие и учениците, и наставниците, ги соочи со нова и досега непозната ситуација што ја наметна пандемијата со КОВИД-19. Наставата три месеци се изведуваше од далечина и онлајн, а со владините уредби со законска сила се овозможи и правна основа е-наставата до крајот на учебната година да се смета за формална т.е. соодветна замена на класичната настава во училиштата.

Во изминатите три месеци учениците и наставниците се приспособуваа на онлајн-учење, предвање и испрашување, при што се користеа различни алатки и платформи за видеокомуникација.

За да се олесни начинот на совладување на материјалот, МОН во партнерство со УНИЦЕФ ја воспостави и националната образовна платформа Eduino.gov.mk со видеолекции за основно и за средно образобание кои за учениците ги снимија одделенски и предметни наставници од училишта од целата држава. Секој ден на јавниот сервис се емитуваше и емисијата „ТВ Училница“ со образовни содржини на македонски и на албански јазик од предвидените наставни програми.

Поради ризик од ширење на заразата, Владата на крајот на април донесе одлука онлајн-наставата да продолжи до крајот на учебната година, како и одлука оваа година да нема полагање државна матура која се организира во средината на јуни. Матурантите ќе може да конкурираат на факултет на уписите во август-септември со дипломата за завршено средно образование.

За еден месец е пролонгирано запишувањето на првоодделенците за 2020/2021, па наместо во цел мај, како во изминатите години, родителите имаат можност од 1 до 30 јуни да ги запишат своите деца во основно образование.

Роковите за упис на средношколци утврдени во Конкурсот не се менуваат, така што на 16 и 17 јуни е првото пријавување во јунскиот уписен рок, со тоа што спроведувањето на уписите ќе биде согласно со протоколот донесен од Владата по препорака на Комисијата за заразни болести.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми во интервју за МИА пред десетина дена изјави дека се посветува внимание и се разговара и за прашања како би постапиле ако околностите со епидемијата во нашата земја се исти или и полоши на почетокот на учебната 2020/2021. Рече дека ако биде иста ситуацијата можеби и мерките ќе бидат исти или наставата поинаку ќе се организира.

-Генерално, ако имаме иста ситуација, исти околности, можеби ќе се соочиме со исти мерки или ќе размислиме во насока на реорганизирање или поинакво организирање и реализирање на наставата во училишните клупи, рече Адеми.

Би можело да ве интересира

Деканите на Сити Колеџ: Ние ги градиме идните лидери!

A1on

Трамп потпиша извршна наредба за распуштање на Министерството за образование

Јаневска објави: Нов закон за средно образование ќе има наскоро

Хајделберг факултетот се доближува до идните академски граѓани: Започна караван низ средните училишта во Македонија

A1on

МОН објави конкурси за стипендии за најдобрите универзитети во академската 2025-2026 година

(ВИДЕО) Николова: Предложените реформите се без јасна стратегија за развој и модернизација на образованието