Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да бидат презентирани завршните зборови на Специјалното јавно обвинителство и на одбараната во случајот „Тврдина 2“ во кој обвинети се поранешниот началник на УБК Горан Грујевски и уште шестмина вработени во УБК.
СЈО очекува Грујевски и останатите шест обвинети да добијат осудителна пресуда.
– Имаме цврсти материјални и вербални докази. Сите докази се во прилог на теоријата на обвинението, така што уверени сме дека обвинитите ќе добијат осудителна пресуда, рече обвинителката на СЈО Ленче Ристоска по главната расправа за овој предмет што се одржа на 2 ноември.
Судијката Лидија Петровска тогаш го отфрли барањето на Љупчо Шврговски, адвокат на Грујевски, да се одложи судењето на неопределено време, додека не се заврши неговата екстрадиција од Грција во Македонија. Повикувајќи се на Законот за кривична постапка, Шврговски посочи дека доколку му се суди во отсуство, ќе му биде повредено правото на одбрана.
Обвинителите на СЈО, пак, ги отфрлија ваквите аргументи како неосновани бидејќи, спроед нив, судењето во отсуство на Грујевски не му го ускратува правото да бара повторување на постапката.
По денешните завршни зборови, се очекува Судот да донесе конечна одлука за „Тврдина 2“.
Првообвинетиот Грујевски е во екстрадициски притвор во Грција заедно со неговиот поранешен колега од УБК Никола Бошкоски, кој во „Тврдина 2“ требаше да се појави како сведок. Двајцата минатиот месец беа уапсени со лажни пасоши на аеродромот во Солун при обид да заминат за Будимпешта.