Заврши расправата за интерпелацијата на Спасовски, пратениците паузираат, па ќе гласаат

Од:

Скопје, 26 април 2021 (МИА) – Собранието го заврши претресот за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски поднесена од Алијанса за Албанците и Алтернатива, а за неа ќе се гласа по пауза од 15 минути, најави потпретседателот на законодавниот дом Горан Мисовски.

Иницијаторите на интерпелацијата бараат одговорност од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за, како што наведоа, бегството на Никола Груевски и Сашо Мијалков, но и за случаите со давањето македонски пасоши на меѓународни криминалци и за лицата со двојни матични броеви.

Во попладневната дебата пратениците од СДСМ истакнаа дека интерпелација е беспредметна и сега не треба да се дискутира за тоа туку, како што велат, да се решаваат важни проблеми на граѓаните.

Пратеничката Лидија Тасевска истакна дека интерпелацијата е апсурдна, непотребна и избрзана за најуспешниот, најтранспарентниот и најпринципиелен министер во Владата. Нагласи дека Оливер Спасовски уште од неговото доаѓање на функцијата покажа како системски се решаваат проблемите во ресорното министерство кои, како што рече, со години пред него беа акумулирани. Го охрабри министерот Спасовски да работи посветено и во иднина, додаде дека ја има довербата на граѓаните, а албанската опозиција да ја повлече интерпелацијата.

Снежана Калеска – Ванчева потенцира дека МВР покажа дека нема селективен пристап и дека без разлика дали се работи за високи полициски службеници или останати други луѓе кои имаат овластувања, одговорот е еден и единствен – секој ќе одговара за стореното. Според неа, денешните излагањата одат во правец дека МВР под раководство на министерот Оливер Спасовски во целиот изминат период покажува работа во нагорен правец, зголемена доверба кај граѓаните, двојно дури и повеќе.

Пратеничката Жаклина Лазаревска смета дека Алтернатива и Алијанса во моментов, како што рече, одработуваат за ВМРО-ДПМНЕ. -Тие ја напуштија оваа расправаа од нелогични причини, но тие напуштаат секогаш кога е густо. Вие сега застанувате онаму каде што тие напуштија. Тие се одмораат додека ние овде расправаме за нешто што е нелогично, неоправдано, а тие одмораат од вчерашниот протест, рече Лазаревска.

Министерот Спасовски реплицирајќи му на пратеникот Абдула Салиу од Алијанса за Албанците за неуспесите во работењето, усно и низ фотографии потсети на досега реализираните проекти, како реновирања и санирања на полициски објекти во 2020 година, само за четири месеци. Посочи на целосното реновирање на аеродромската база Петровец, која како што рече, никогаш не била направена. Ги наведе реконструкциите на полициските станици во Гевгелија, Кавадарци, Крива Паланка, градба на ново стрелиште во касарната Илинден за Единицата за специјални задачи, набавка на пловни објекти првпат по 20 години за заштита на водените граници на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро. Првпат исплатена бонус плата за 2017, 2018, 2019, а се планира наскоро да се исплати и за 2020 година. Спроведување обуки, донесен етички кодекс, набавка на мобилен систем за снимање со камери или боди камери, се само дел од проектите што ги наведе Спасовски.

Во однос на обвинувањата дека граѓаните немаат доверба во МВР, Спасовски информира дека во 2020 година во споредба со 2019 година има зголемување за 59 отсто на ефикасноста на полицијата, намалување на класичниот криминал за 9 отсто, намалување на убиства за 59 отсто, намален број на разбојништва за 18,8 отсто, зголемена ефикасност за пет проценти, намалување на прекршоци од јавниот ред и мир за 12 отсто, намален број на жртви во сообраќајни несреќи за пет отсто.

Сузбиени се 13 криминални групи со 71 физичко и две правни лица, недозволена трговија со дрога – сузбиени се шест организирани криминални групи со 24 лица, три криумчарења на мигранти, сузбиени три криминални групи со 22 лица, корупција – сузбиени три групи во кои дејствувале 14 физички лица и две правни лица, тероризам – сузбиена единаесетчлена терористичка организација, пронајдена поголема количина на оружје, муниција и експлозив.

Во делот на корупција, наведе три криминални организирани групи, пријавени 14 физички лица и две правни лица, документирани 97 кривични дела, од кои кривично има пријавени 161 лице или вкупно причинета материјална штета од 100 милиони денари. За високата застапеност на коруптивните злоупотреби рече дека има кривично пријавени високи функционери, раководители, јавни службеници…, а најголема детекција во образованието, државните органи и претпријатија и јавните институции.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не можеа да се обратат бидејќи не беа ставени на листата на говорници, поради тоа што, како што беше објаснето од претседателот на Собранието Талат Џафери, тие својата листа ја доставиле до него со неколку часа задоцнување, а денеска нивен претставник не присуствувал на координација за да се договорат.

Би можело да ве интересира

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови

Џафери: Закажани се избори, не може да се потпишат колективни договори, протестите на универзитетите се за дневни политики

Нов обид во Собрание за законите за Митилинеос и за игрите на среќа

Пендаровски против идејата на ДУИ да се избере претседател во Собранието: Ќе бев сменет за едно попладне

Орце Костов